Радио МОФ @ Скупи фестивал – Куќата на гневот

Со претставата „Куќата на гневот“ вчеравечер во Кино Фросина се затвори годинешното издание на меѓународниот театарски фестивал Скупи. Во продукција на бугарскиот театар „Взраждане“ и режија на Диана Добрева, „Куќата на гневот“ предизвика многу табуа вкоренети во балканската, па и глобалната традиција со години.

Во „Куќата на гневот“, работена според стиховите на Федерико Гарсија Лорка, Рафаел Алберти, Мигел Ернандес и самата режисерка Добрева,  осум жени се затворени во четири ѕида и принудени да живеат во црнина, избирајќи да ги игнорираат задоволствата кои животот ги нуди. Оставени на своите нескротливо длабоки емоции, осумте жени се обидуваат да ја одгатнат слободата на човековата волја, важноста на љубовта како и стрмниот пат кон среќата.

Тие можат да се прошетаат низ овие лавиринти на животот само во своите мисли, обичаите наложуваат дека „вистинската“ прошетка е привилегија на мажите. Иако сево ова е претставено со едноставна но впечатлива сценографија, осумте актери ги отелотворуваат маките на нивните ликови неверојатно експресивно и потресно.

Во склоп на навидум вообичаеното поставување на љубовта во центарот на случувањата, „Куќата на гневот“ плете 10 различни приказни и уште толку можни разврски на истите – оставени на слободно толкување на публиката, сигурни за својот ефект врз гледачите поради детално обработените прототипни ликови и нивните судбини.

Јована Ѓорѓиовска