Радио МОФ организира дебата на тема „Дали образовниот систем ги следи потребите на пазарот на трудот?“ која ќе се одржи утре (27 јуни), со почеток во 14 часот и ќе се емитува во живо со аудио и видео стрим од настанот.
Дали наставните програми во средното образование и на факултетите ги следат трендовите на пазарот на труд? Какви се искуствата на претприемачите, професорите, надлежните институции? Дали образовниот систем дели дипломи кои остануваат врамен украс на нечиј ѕид, или пак учи на неопходните вештини за полесно вработување?
Дебатираат професорката Марија Топузовска Латковиќ од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, претприемачот Никола Бојков, Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика и Назиктере Сулејмани, претставник на Министерството за образование и наука.
Излагањата ќе бидат поделени на воведен говор, модерирана дискусија во која ќе се вклучат сите говорници, како и завршни говори со препораки за надминување на состојбите.
Постојано високите стапки на невработеност особено помеѓу младите луѓе, се индикатор дека можеби на македонските работници им недостасуваат соодветните вештини за учество на пазарот на трудот. Иако оваа дебата го отвора прашањето за соодветната улога која образованието треба да ја има во економските процеси, неговата важност за поттикнувањето на економскиот развој е јасна во академските кругови и креаторите на политиките. Негувањето на претприемачкиот дух и опремувањето на ученикот со соодветни работни вештини потребни за и на пазарот на трудот е очигледна корист, но, колку и дали образовниот систем има соодветни алатки и мотивација е едно сосема поинакво прашање кое треба да биде критички оценето. Одговорот на ова прашање може да послужи како водич за креаторите на политиките кои мора да имаат вистинско разбирање за тоа што им недостасува на македонските претприемачи во смисла на вештини и одлучност за постигнување успех.
Целта на настанот е промоција на аргументираната дискусија на релевантни општествени прашања во јавниот дискурс, како дел од проектот на Центарот за меѓународно приватно претприемништво CIPE (Centre for International Private Enterprise), Младинскиот образовен форум МОФ и Институтот за европска политика (ЕПИ).