Работничките и човековите права во фокусот на конференцијата „Правни аспекти на вонредната состојба“

Опасностите од зајакнување на авторитативни режими, следењето на судските предмети, но и суспензијата на човековите и работничките права во вонредна состојба беа темите на вчерашната онлајн-конференција насловена „Правни аспекти на вонредната состојба“ која ја организираше „ЈанакиЗнае“.

Адвокатката Павлина Зефиќ која зборуваше околу суспензијата на човековите права во вонредна состојба својот говор го почна со мисла на генералниот секретар на Обединетите нации  „почна како прашање за заштита на здравјето на граѓаните, а ќе заврши како прашање за заштита на човековите права“.

Зефиќ вели дека со прогласувањето на пандемијата сите биле затечени околу тоа што ќе се случува со  правата во вонредната состојба која беше продолжена за уште 30 дена.

„Сведоци сме дека во голем дел ни е ограничена слободата на движење, со полицискиот час, но се покренуваат и низа бројни прашања од типот на заштита на приватноста, информациите кои се споделуваат. Потоа, цензурата во медиумите како и ограничувањето на вестите кои ќе се пласираат, заштита на ранливите категории на граѓани, како што се постарите лица чија што слобода на движење во голема мера е ограничена и слично. И тука треба, и мора да постои соодветна контрола. Контролата може да биде направена од Парламентот и од Уставниот суд“, рече Зефиќ.

Според Зефиќ, контролата кај нас дошла предоцна, од причина, како што вели, што досега се донесени околу 120 уредби, од кои голем дел не гледа како се поврзани со состојбата со Ковид-19.

„И токму поради тоа Уставниот суд беше должен брзо да се состане и да ги преиспитува сите овие уредби, затоа што на некој начин се суспендираа и права, се донесоа мерки со кои што се суспендираат  одредени права, а не гледам дека се соодветни и неопходни“, подвлече Зефиќ.

Во однос на работничките права во вонредна состојба, правничката Маја Атанасова вели дека тие сега се можеби на маргините, но додава дека е тешко да се зборува дека сега се на маргините, бидејќи тие никогаш не се во прв план.

„Тоа најмногу можеме да го забележиме од самиот факт што кај нас работниците не веруваат во своите права, дел не ги познаваат, меѓутоа повеќето од нив не веруваат и во тој мал дел што го знаат. Затоа мислам дека е многу битно да зборуваме и да го истакнуваме тој проблем бидејќи тоа е единствениот начин на кој што можеме да ја подигнеме свеста кај сите, и кај работодавачите и кај работниците, дека работникот не е бројка, не е евтина или бесплатна работна сила, која што постои да ги оствари интересите на работодавачот“, рече Атанасова.

Од Меѓународната организација на трудот (МОТ), вели таа, особено потенцираат да се внимава на стандардите кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на работниците, начинот на организација, третманот на заштитените категории работници, забрана за дискриминација, социјална сигурност и заштита на работниот процес.

„Сето ова треба да служи како гаранција за пристојно работење, односно, извршување на работата, дури и кога сите ние мора да се прилагодиме на условите кои ги наложува Ковид-19. Овие стандарди налагаат мерките кои се креираат заради одговор на кризата, во својот центар да го имаат човекот, меѓутоа, да ги имаат неговите потреби и права“, рече Атанасова.

Според адвокатката Натали Петровска која зборуваше за следењето на судски предмети и пртивор во вонредна состојба, предизвик во ваквата состојба е водењето на судските постапки. Петровска смета дека во принцип информатичките технологии би требало да бидат алатка и средство за подобрување на делењето правда и пристапот до судовите и корисниците на правда, и додава дека би требало да се оди во насока на подобрување на пристапот, зголемување на ефективноста и транспарентноста на судовите.

Сето ова е ставено под голем предизвик, додава таа, затоа што овие технологии бараат големи финансиски средства, а оттука, Петровска вели дека, државата треба да обезбеди дополнителни финансиски средства за судскиот систем за оваа намена. Меѓутоа, сами по себе, смета Петровска, и овие информатички технологии имаат свои слабости и подвлече дека не сите поединци имаат пристап до истите.

„Па оттука сметам дека не би требало да се укинат оние традиционални облици на пристап до останатите конвенционални облици на помош од самите судови, и пристап до судови, само поради погрешниот аргумент дека во овој момент имаме можност информатичките техонологии да ги применуваме и дека истите се достапни за сите, напротив, имаме ранливи категории на лица, и нивната заштита во овој момент е многу важна“, рече Петровска.

Адвокатот Јанаки Митровски во однос на опасностите од зајакнување на авториративни режими посочи дека ваквите вонредни ситуации и состојби се плодна почва за создавање на авторитативни режими, за зајакнување на веќе постоечките или за злоупотреба на пандемијата од влади или поединци кои имаат авторитативни тенденции.

„Треба да знае пошироката јавност, ако не, барем правната јавност знае дека нашите основни права и слободи гарантирани со Конвенцијата за заштита на основните човекови права и слободи, може да се ограничат само со вонредна состојба“, вели Митровски.

Додаде дека права кои не можат да се ограничат или укинат ни во време на вонредна состојба, се правото на живот, забрана за мачење, забрана за ропство, нечовечко постапување, јавно изразување на мисла, правна одреденост на казни. Како пример, тој ја посочи дискусијата која се разви во јавноста околу ограничувањето на правото на вероисповест која се случуваше пред една недела, за време на велигденските празници.

„Сите сте свесни дека кога беше Велигден, минатиот викенд, имаше многу реакции од страна на православните верници и истите се повикуваа токму на оваа одредба од член 54, дека дури и во вонредна состојба не може да им биде ограничено правото на јавно изразување на вероисповеста, што секако подразбира и одење во црква, причест итн..  Меѓутоа треба да се знае дека нашата земја е потписничка на Конвенцијата за заштита на основни човекови права и слободи каде што пак е порестриктивно определено кои права се апсолутно несуспензивни, односно со член 15 самата конвенција одредува дека несуспензивни, не може да се супсендираат единствено правата, односно, правото на живот, правото на забрана за мачење, забрана за ропство, и членот 7, или нема казна без закон, што значи не го опфаќа јавното изразување на вероисповеста“, рече Митровски.

„Бидејќи конвенцијата е меѓународно правен инструмент, кој што има правна хиерархија над нашите домицилни, па дури и над уставот како највисок правен акт, односно го дерогира во овој дел. Што значи дека сумирано, одговорот би било дека е суспендирано тоа право на јавно изразување на вероисповеста во Македонија“, додаде Митровски.

Онлајн конференција „Правни аспекти на вонредната состојба”

Со оглед на вонредната состојба која е на сила на целата територија на нашата држава, тимот на „ЈанакиЗнае“ организираше онлајн конференција насловена „Правни аспекти на вонредната состојба”.Онлајн конференцијата се одржа на 30.4.2020 на Фејсбук фан-страницата на „ЈанакиЗнае“, а учество во својство на предавачи зедоа:- адвокатката Натали Петровска, директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, која говореше за „Следење судски предмети и притвор во вонредна состојба“;- адвокатот Јанаки Митровски, кој предаваше на тема „Опасностите од зајакнување на авторитативни режими“;- адвокатката Павлина Зефиќ, која се осврна на темата „Суспензија на човековите права во вонредна состојба“; и- Маја Атанасова, по професија – правничка, која е дел од „Македонско здружение на млади правници“, а говореше за „Работнички права во вонредна состојба“.Модератор на конференцијата беше новинарот Огнен Јанески.

Posted by ЈанакиЗнае on Thursday, 30 April 2020

Мартин Колоски