Работна акција „Еко-пикник“ во Делчево со чистење на дивите депонии и изградба на летниковец

Граѓаните на општина Делчево  ‘’мрднаа со прст’’  и активно се вклучија во работната акција- ЕКО пикник  која се однесуваше на реконструкција на излетничкото место Св. Ѓорѓија како и еколошка акција на самото место.

Акцијата траеше три дена , започна со изработка на нов летниковец односно бетонирање и поставување на метални држачи, следниот ден се продолжи со поставување на дрвената конструкција, а во недела на 13 мај беше главниот настан во кој учествуваа 50-тина разбудени делчевчани и придонесоа во обновување на постоечката опрема, чистење на дивите депонии, финализирање новиот летниковец и доизработка на клупи и маси.

„Во целост можеме да потврдиме дека акцијата ,,Еко-пикник“ беше прекрасна акција во која преку дружба и забава постигнавме повисоки цели кои се за општо добро на сите граѓани. Би сакале да изразиме особена благодарност до граѓаните на општина Делчево кои придонесоа кон успешност на  акцијата Еко- пикник и покажаа дека соработката со институциите е возможна и дека со желба, ентузијазам и проактивност може да се случи промената што сакаме да ја видиме. Ние, како НВО КХАМ Делчево, очекуваме да продолжи ентузијазмот на граѓаните за промена на нештата, но исто така очекуваме совесно и грижливо да се одржуваат општите добра“, велат организаторите.

Оваа акција беше поддржана од страна на НВО КХАМ од Делчево во рамки на иницијативата ,,Мрдни со прст’’ во соработка со Локален младински совет (ЛМС)- Делчево и има за цел цел да ја подигне јавната свест за различните можности кои се во доменот на секој поединец како и да се понудат идеи за приднонес  кон специфични активности  во рамки на  заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат индивидуално, но и колективно.