Ако сте доволно креативни, трпеливи и цврсто уверени дека она што го правите ќе и помогне на заедницата, тогаш успехот нема да изостане, порача холандскиот експерт, Лудо Кеизер на работилницата во организација на „Центарот за Младински Активизам ЦМА КРИК” која деновиве се одржа во Скопје. Целта на обуката беше учесниците преку конкретни и неконвенционални алатки да научат како можат да обезбедат финансии за своите проекти и идеи.
Благодарение на повеќегодишното искуство и работа со младите луѓе од најзапоставените општествени слоеви, но и личното искуство како бездомник на улиците во Холандија и САД, откако соочува со смртта, Кеизер почнува да работи на општествени проекти, обидувајќи се да допре до луѓето и да им го смени животот.
„Сакам навистина да има вредност она што го правам. Целта е да му се помогне на општеството, но вистински. Не само да се прават проекти за пари“, вели Кеизер и додава дека кога заедницата навистина ќе види дека работите се менуваат на подобро, тогаш тие самите ќе почнат да плаќаат за ваквите проекти да продолжат.
„Тоа е таа вин-вин ситуација, од која на крајот сите имаат корист и која сакаме да ја постигнеме“, вели Кеизер и додава дека секој може да го исполни својот сон.
Педесетина учесници од различни профили беа дел од оваа работилница. Од „Крик“ велат дека се задоволни од обуката, но и благодарни на холандскиот мотиватор кој без никаков проблем одлучил да дојде во Македонија.
„ Одлучивме да ја организираме оваа обука за Creative Social Funding за учесниците да слушнат за алтернативните начини за наоѓање ресурси, а и меѓусебно да си помогнат со идеи и контакти. Ние сме многу задоволни од тоа како се одвиваше обуката, бидејќи постоеше позитивен фидбек од учесниците, а целта беше постигната“, вели Борика Крушаревска од Крик.
Во текот на работилницата присутните ја слушнаа инспиративната животна приказна за Холанѓанецот, учеа за тоа како може идајата да ја претворат во пари, но и како да ги остварат своите желби и соништа преку работата.
Ј.Ј.