Психоделичниот состав „The Local Blue“ издаде спот за темата „The Mook“

„Агентот вонземјанин беше љубопитен за човечкиот вид. Барајќи одговори за музиката и се’ што доаѓа со неа во нашиот универзум, тој ја пронајде планетата Земја. The Мook е истражувач кој патува низ етерот. Привлечен е од новите музички вибрации низ целиот космос“.

Вака психоделичниот инструментален состав „The Local Blue“ од Скопје го објаснуваат спотот за новата тема „The Mook“, која е прв сингл за нивниот нов албум кој треба да излезе наскоро. Тоа ќе биде втор албум на триото по минатогодишниот „Project Blue Beam“, издаден под капата на „PMG Recordings“.

„The Local Blue“ се Кристијан Новковски на тапани, Кристијан Савиќ на гитара и Панде Ефтимов на бас. Нивниот звук не може да се категоризира низ секојдневните вибрации и жанрови. Напротив, велат тие, динамиката и текстурата во звукот на „The Local Blue“ претставува цврста основа за креирање недекојдневни и уникатни звуци кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите.

„Константната склоност кон импровизациските преформанси ни помага во развојот на нашите творечки процеси и воедно ни дава целосна слобода во хармоничното изразување на невербалната комуникација и реализација на самата содржина“, пишуваат дечките за себе.