Првиот протест во вид на холограм се одржа во Шпанија

Шпански граѓани, минатата недела го одржаа првиот протест во вид на холограм во историјата, со цел да протестираат без да ги нарушат новите драконски измени на Националниот акт за безбедност, новите измени и дополнувања на Кривичниот закон и законот за борба против тероризмот.

Според новите измени, граѓаните во Шпанија не можат да протестираат против Конгресот или да се собираат на јавни места, исто така мора да побараат дозвола од властите секогаш кога ќе сакаат да протестираат јавно.

„Ако сте човек, не можете да се изразувате слободно, можете да го направите тоа само ако станете холограм“, вели една жена во видеото кое е објавено од движењето кое брзо стана познато на Twitter „Холограми за слободата“ („Hologramas para la Libertad“).

На официјалната страница на движењето, граѓаните се повикани да земат учество така што ќе напишат порака, ќе остават снимена гласовна порака или ќе се претворат во холограм снимајќи видео преку веб камера.

Според новиот Закон за безбедност на граѓаните или „Закон кој замолчува“ („Ley Mordaza“) како што го нарекуваат активистите за човекови права, јавните протести, слободата на говорот и на медиумите и документирањето на полициските злоупотреби ќе станат кривични дела со тешки парични казни и/или затвор.