Првиот музеј за филозофија се подготвува за отворање: Погледнете го „Museo della Filosofia“ во Милано

Размислете убаво: дали некогаш сте посетиле музеј за филозофија? Не станува збор за изложба на филозофи или филозофски концепти, туку институција целосно посветена на филозофијата како пракса. Вашето „да“ ќе се уважи само ако сте биле во Универзитетот во Милано, во чии хали е поставен „Museo della Filosofia“, концепт кој се покажа за доста успешен.

„Тоа што го имавме на ум не беше историски ориентиран музеј кој би собирал реликвии од животите и делата на важни филозофи, туку нешто подинамично и интерактивно, каде филозофските проблеми и теории стануваат поблиски преку различни игри, активности, експерименти и естетски доживувања“ – изјавила пост-докторандката Ана Ичино.

„Во првата хала, поставивме асоцијации од „концептуалното водоинсталатерство“ на Мери Мигли и „шишето за муви“ на Витгенштајн, за да ја пренесеме идејата дека филозофските проблеми се концептуални проблеми кои ние ги анализираме секојдневно, но не ги анализираме преку саморефлексија“ – додава Ичино.

Во втората хала од „Museo della Filosofia“, посетителите „буквално“ можат да си играат со парадоксите и мисловните експерименти со цел да се зачува нивната хеуристичка улога во филозофското испитување. Палетата на искуства е широка – можете да играте со преголем шпил карти и да решите парадокс, тука е и неизбежната демонстрација на добропознатиот „транвај проблем“ за кој е искористен модел на железничка пруга, а имате и шанса да јадете чоколадо во форма на мачји измет директно од леглото. По десертот, следува играта „Училиште во Атина“ каде посетителите мораат да изберат помеѓу школата на Платон или Аристотел, а потоа тие може да се фоторафираат во чевлите и лицата на еден од овие два филозофи. Совршен сувенир, нели?

Во третата „програмска“ хала, организаторите на музејот презентираат план за тоа што се уште треба да се направи,  односно листа која вклучува и барање на просторија каде музејот ќе може да има константни поставки. Пред тоа да се случи, можете да ја разгледате нивната веб-страна, како и профилите на музејот на Фејсбук и Инстаграм.

Извор: Open Culture