Прва награда за студентите на ФЕИТ на натпревар во Истанбул

Пет студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии освоија прво место на натпреварот ICAMES 2018 (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students), организиран од Универзитетот „Богазичи“ од Истанбул. ICAMEC претставува меѓународен натпревар за инженерство и култура, на кој учествуваат студенти од речиси сите континенти во светот, и 23 години традиционално го организира Универзитетот „Богазичи“ од Истанбул. Годинава се одржуваше од 4 до 10 мај.

Ангела Попова, Ангела Најдовска, Илија Ивановски, Ведран Симовски и Виктор Рудан, под менторство на доц. д-р Живко Коколански, изработија проект, симулација од областа на енергетска ефикасност за зградата на ФЕИТ, која ги интегрира конвенционалните и обнобливите извори за енергија.

„Симулацијата е изработена во графичкиот програмски јазик LabVIEW и користи реални податоци од консумацијата на енергија на зградата на ФЕИТ за формирање неколку сценарија за заштеда на енергија и зголемување на енергетската ефикасност“, објаснува доц. д-р Живко Коколански. Тој дополнува:

„Вообичаено на натпреварот учествуваат 100-ина студенти од 20 земји и тие се натпреваруваат на избрана тема од областа на инженерството. Натпреварот се реализира во три категории, односно конкретен проект, симулација и концепт, но се доделува и една тематска награда на конференцијата, која годинава беше ‘Зелена енергија’. Покрај официјалниот натпревар, се организираат и голем број социјални настани за интеркултурално зближување“.

„Наградата е доказ за одличните услови за практична и теоретска работа на Факултетот за елекротехнички и информациски технологии“, вели деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски.

Проектната задача се однесува на анализа на енергетската ефикасност на зградата на ФЕИТ според неколку релевантни критериуми: интеграција на обновливи извори за енергија, енергетски ефикасна фасада, намалување на врвната ангажирана моќност, енергетски ефикасно осветление и друго. Овие критериуми се имплементирани во симулација која користи реални податоци и работи во реално време. Податоците се добиени од системот за менаџирање на енергија на ФЕИТ, кој непрекинато собира информации веќе две години. Во зависност од соодветниот критериум, симулацијата предвидува намалување на расходите по основ на електрична енергија и претставува добра основа за понатамошни истражувања што дипломците и магистрантите на ФЕИТ може да ги искористат.

Годинава на ICAMES 2018 учество зедоа 70-ина студенти од 18 земји од светот, меѓу кои и Канада, Колумбија, Египет, Италија, Бангладеш, Украина, Индија, Македонија и др.