Прва Хронометар атлетска трка ќе се одржи во Скопје, маски ќе се носат пред и по стартот

Првата Хронометар атлетска трка „HalkEco Хронометар 10KM“, организирана од Сојуз на Спортови на Скопје и Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, ќе се одржи идната сабота (13 јуни), во главниот град. Како што порачуваат организаторите, заради моменталната состојба со коронавирусот трката ќе биде организирана со почитување на препораките од Владата и протоколите донесени од Комисијата за заразни болести.

На трката, чиј старт е под мостот „Гоце Делчев“ на кејот на Вардар, ќе има ограничен број учесници (360) кои својот стартен број ќе го добијат на домашна адреса. За време на трката, учесниците ќе мора да ги почитуваат мерките за заштита, што вклучува носење заштитна маска пред стартот, односно и по целта, но не и за време на трчањето.

Бидејќи се работи за хронометар, односно точно мерење на времето на поминување на одредена зададена должина од патеката, а за да се запази препорачаното растојание меѓу учесниците, секој натпреварувач ќе има различно време на старт. Па така, првиот натпреварувач ќе стартува во 06:30 часот, а последниот во 09:30 часот. Временскиот интервал на старт помеѓу секој натпреварувач ќе биде 30 секунди.

За најдобрите 5 тркачи во машка и женска конкуренција предвидени се парични награди, а дополнително Халкбанк, како генерален покровител на трката, за учесниците ќе обезбеди подароци.

Трката го носи називот на апликацијата HalkEco на Халкбанк чија цел е да придонесе за формирање здрави навики и зачувување на животната средина. За секоја активност: трчање, пешачење, возење велосипед или тротинет, секој кој ја користи апликацијата собира HalkCoins за кои, во зависност од бројот, следуваат подароци и други бенефиции. Истовремено, на овој начин се обезбедуваат дрвја за кои Халкбанк презема обврска да ги засади, со што корисниците заедно со Банката придонесуваат за почиста и поздрава околина.