Прскањето, имунитетот или јаболката – кој е рецептот на Ресен против коронавирусот

Поради прскањето на јаболката и пестицидите и новиот коронавирус не вирее во Преспа и Ресен.  Ова е најчестата досетка што ресенчани си ја кажуваат последните неколку месеци, кога од нив ќе се побара рецептот против новиот коронавирус кој сега доживува втор пик во земјава. Но, пик во Ресен нема. Оваа општина остана последното упориште, единствената бела точка на мапата на Институтот на јавно здравје каде досега немаше регистрирано ниту еден случај позитивен на Ковид 19.

Радио МОФ го посети Ресен, за да види каква тајна кријат луѓето од градот и преспанскиот регион. Она што прво се забележува е живописната природа. Ресен е сместен меѓу два национални парка, а на негова територија се наоѓа Преспанското езеро. Независно од тоа дали се патува од Охрид или од Битола, за да се стигне до градот се потребни само 40-тина минути возење со автомобил. На сајтот на општината пишува дека има 16.825 жители, но ресенчани веруваат дека ги нема повеќе од 10 000. Регионот важи за иселенички, ама годинава, поради пандемијата и затворените граници, многумина беа приморани да останат дома.

Коронавирусот ги помати плановите за заминување во Хрватска на младиот Илија Крстевски, кој сега работи како шанкер во кафуле во центарот на Ресен. Вели дека жителите ги почитуваат мерките, носат маски и држат дистанца. Тешко му паднал изминатиот период, кога сите беа затворени дома. Откако пред десетина дена беа отворени кафулињата, тој повторно тргна на работа. Вели дека е загрижен бидејќи расте бројот на новозаразени, но добро е кога нешто се работи.

Илија Крстевски

„Да бев во друг град немаше да почнам. Во Ресен бидејќи знам дека нема коронавирус, не ми беше никаков проблем. Сите се знаеме, ние сме мал град и не ми беше страв. А да бев во некој поголем град, би размислил во секој случај“, искрен е Крстевски.

Покрај шанкерството, заедно со татко му одгледува јаболки. Всушност, голем дел од младите во Ресен, имаат по некое парче земја засадено со познатите ресенските јаболка. Сепак, скептици се дека во идинина оваа традиција ќе продолжи, бидејќи откупната цена на јаболкото е ниска, па зијанот е поголем од ќарот. Сепак како јадењето јаболка може да биде дел од рецептот за превенција од новата болест. Па Илија, порачува, да се почитуваат мерките и да се јадат повеќе јаболка. По можност, непрскани.

Васил Јанкула

И за Васил Јанкула, херојот со попреченост во Преспа, тајната на ресенчани е токму во јаболката. Го сретнавме на неговото работно место во Општина Ресен.

„Јадете по две јаболка на ден и нема да имате никаков проблем“, низ смеа кажува Јанкула. На работа беше дошол и за да ги почести колегите за својот роденден. Откако букна кризата со Ковид 19, тој беше ослободен од доаѓањето на своето работно место.

Во центарот на Ресен е забележливо присуството на полицијата. Полицајците носат маски, а и на отворено ги предупредуваат граѓаните да ставаат заштита на лицето. Стравот порасна поради тоа што изминатиот викенд Преспа, како туристичко место, беше полна со посетители, иако е активна забраната за отворање на сместувачките капацитети поради пандемијата.

Свесни за ризиците, од општинскиот кризен штаб воведоа засилени контроли, раскажува градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

„Минатиот продолжен викенд бевме сведоци на колони возила кои се упатија кон туристичките места, исто и кон Ресен. Веднаш свикав кризен штаб, координирано со инспекциските служби, со полицијата, формиравме редарски тимови. Многу беше битно сите оние посетители да ја гледаат присутноста на тие инспекциски, редарски служби од Општина Ресен, да се придржуваат на мерките. За среќа немавме некои прекршувања со кривични пријави. Во најголем дел, гостите си се придржуваа кон мерките. Тоа е значи, дисциплина, одговорност, на секој човек поединечно“, вели градоначалникот.

Живко Гошаревски

Додава дека уште од самиот почеток на кризата биле преземени сите неопходни мерки за справување со опасноста од ширење на новиот коронавирус. Вели дека покрај последниот викенд, градот се соочил со уште два критични моменти.

„Прво беше доаѓањето на оние наши луѓе кои во моментот беа затекнати во други држави, кои мораа да бидат во карантин цело време. Правевме контрола, формиравме мобилни тимови, помагавме со цел да спречиме излегување на тие луѓе. Втора критична работа беа верските празници, Велигден и Рамазан Бајрам“, вели Гошаревски.

Тој објаснува, дека за разлика од многу општини, постоела одлична соработка со претставниците на МПЦ и ИВЗ. Ги викале на координативните состаноци на кризниот штаб, се договарале и планирале.

„Има големо разбирање. И тоа што немавме заболен дотогаш, секако ни даваше поттик да ги применуваме мерките. Голема благодарност до сите граѓани, сериозно ја сфатија ситуацијата“, додава тој.

На неколку стотини метри од општината се наоѓа Здравствениот дом во Ресен. Од почетокот на кризата, до завчера, овде е направен 31 тест за Ковид-19. Сите негативни. Директорката на Здравствениот дом Ресен, Соња Андоновска вели дека строго ги почитуваат насоките од Министерството за здравство, од самиот почеток. За тоа пак колку ресенчани внимаваат на своето здравје, не е најзадоволна.

Здравствениот дом во Ресен

„Јас сум 30 години во Преспа, од кои 17 години сум лекар специјалист, претходно бев општ лекар. (Внимаваат) не премногу, научени се често да ги користат услугите на лекарите, и тоа не на матичните лекари, туку повеќе на итната медицинска помош, на специјалистите. Знаат да доаѓаат за ‘глупости’, а знаат и да не дојдат кога навистина треба“, вели Адоновска.

Раскажува дека во првите месеци од кризата, постоел и страв од одење на лекар, кој сега полека го снемува. Вели дека никој не може да каже со сигурност зошто во оваа општина досега немаше коронавирус. Дел го препишува на среќата, но смета дека е заслужна е и самата поставеност на општината со малку жители кои голем дел од денот го поминуваат на отворено.

„Мојата порака дека секој треба индивидуално да се заштитува. Значи, треба да сфатиме дека овој вирус ќе остане и дека овој вирус не е обичен грип. Значи, и од грип умираат, вистина, меѓутоа од ова, знае да биде и потешко, дека луѓето што поготово си имаат коморбидитети, намален имунитет, треба засилено повеќе да се чуваат од другите, а другите треба да бидат свесни, дека во јавност, конкретно во затворена просторија, во продавница, секојпат, ако наложиле да носиме заштита, треба да носиме заштита . И мене ми смета маската, ама.. кој е данокот? “, вели Андоновска.

Ресенчани велат дека главно ги почитуваат мерките. Секако, има исклучоци. Група од тројца тинејџери кои седеа пред Центарот за јавно здравје, по тукушто завршената редовна вацинација, се искрени.

„Не почитувавме нешто баш, навечер излегувавме. Ама, многу се гневни ресенчаниве дека многу жители од Скопје дојдоа по викендици, и многу се гневни и изнервирани, пред се старите луѓе“, вели еден од нив.

Група тинејџери седат во близина Здравствениот дом

За тоа зошто во нивната општина нема коронавирус, велат:

„Зошто сме ресенчани, бега од нас“, се смеат и додаваат, можеби е од јаболкaта, а можеби и од прскањето.

Средношколката Марија Тасевска е лидер на Клубот на млади при Црвениот крст во Ресен. Активно учествува во организацијата од своите 13 години. Таа беше вклучена и во мобилниот тим на организацијата, во делот на помагање во административните работи и набавката на продукти.

Вели дека изолацијата ја доживеала тешко, но, и дека бил присутен стравот, иако во градот не биле забележани заразени од новиот коронавирус.

„Не знаевме, во искушение бевме цело време. Може има, може нема, не излегувавме. Не ни имаше каде да одиме, цело време дома“, вели Тасевска.

Откако мерките почнаа да олабавуваат, страв од дружба се уште има, но не како на почетокот. Полицијата цело време е тука, вели Тасевска, а одговара дека тие не дозволуваат групирање на младите.

Нејзината дневна рутина се сведува на обврските на училиште, повеќе сон, но и време за популарната платформа Нетфликс. Во однос на онлајн-наставата вели дека не било тешко да се следи.

„Ни даваа задолженија, држевме и онлајн-часови на Зум. Не беше тешко, следевме цело време“, вели Тасевска.

Пораката на Тасевска до врсниците е да се дружат, но во мали групи, да ги почитуваат мерките и да носат маски.

Наташа Веловска (лево) и Марија Тасевска

Во однос на мобилните тимови, секретарката на Црвениот крст во Ресен Наташа Веловска вели дека имало 11 волонтери кои во моментот биле пријавени дека сакаат да учествуваат, а доколку има потреба и да се формираат повеќе тимови.

„Генерално од ова ние што имаме искуство, кај нас немаше потреба мобилниот тим да е на терен како во некој од другиве градови. Сите имаме некој близок наш што ќе ја направи работата за нас, сепак во маливе градови е многу поинаку. Ама имаше потреба, имавме повици, одевме на терен“, вели таа.

Во време на пандемијата биле опслужени 20-25 граѓани кои имаале потреба од храна, лекови, контакт со матичен лекар за рецепти или набавка. Сега веќе и нивните активности се враќаат, па почнале дистрибуција и на алишта и постелнина, но и крводарителски акции кои  беа прекинати во екот на пандемијата. Истовремено ја водат и линијата за психолошка поддршка и психосоцијална поддршка, која на почетокот функционирала пет-шест часа во денот, а сега, како што поминува времето, работи по четири часа на ден.

Дел ресенчани пак веруваат дека пикот со коронавирусот веќе го поминале на почетокот на годината, кога многу жители од регионот се разболеа од грип. Но велат, грипот оваа година бил посилен од претходните и не минувал без две недели лежење во кревет. Затоа, сега се позагрижени стануваат поради економската ситуација.

„Има купувачи, убаво е што.. за мене е убаво, за други не знам“, вели младиот Екрем Љаоски кој сега продава овошје и зеленчук на тезга во Ресен.

Љаоски вели дека за некој што не работи ситуацијата е тешко, а тој што има пари, него му е гајле. Во лето тој работи само со јаболка, ама кога нема јаболка, тезгата е полна со сезонско и јужно овошје. Низ смеа вели, ова овошје е против коронавирусот, и додава дека, доколку се работи за облека, може да се мине и без неа, ама затоа „мора да јадеш“.

Тој смета дека има граѓани што ги почитуваат и што не се придржуваат до толку до мерките, но дециден е дека мнозинството ги почитува. Рецептот против коронавирусот кој го баравме, Љаоски не го знае, а вели дека тука има и помалку народ, но и помалку движење.

Владините мерките за спречување на коронавиусот ги затворија училиштата и во оваа општина. Директорката на основното училиште „Димитар Влахов“ од селото Љубојно Сузе Коропановска вели дека граѓаните сега исплашени за финансиите, а посочува дека има и доста родители кои се социјално загрозени. Вели дека најголемата фабрика која вработува луѓе од регионот е затворена, па голем број од родителите на нејзините ученици живеат во неизвесност.

„Доста се занимаваат со земјоделие, имаше родители кои што веќе и сакаа да мигрираат во другите земји, меѓутоа, со ситуацијава останаа тука, за среќа во несреќата, па можеби и ќе останат. Нормално дека се плашиме, сепак се надеваме затоа што сме туристичко место, имаме јаболка, немавме Ковид…си мислам дека можеби ќе испливаме така полесно, има некој оптимизам, ако продолжиме останеме вака, како случај за студија“, вели таа.

Сузе Коропановска

Во училиштето со кое раководи Коропановска учат 62 ученици. Всушност, во склоп на централното училиште во Љубојно има пет подрачни училишта во Сливница, Штрбово, Крани, Наколец и Долно Дупени. Во однос на изведувањето на наставата, децидна е дека децата, родителите и наставниците доста умешно се снашле со новата ситуација. На социјално загрозените ученици им биле доделени таблети, преку општина од фирмата Еколоџик. Оние деца што немаат струја и интернет, ги контактирале теефонски, преку родителите.

И Коропановска раскажува дека за време на грипот на почетокот на годината, само по неколку ученици оделе во школо, но го поминале и тој период. Нејзината порака, од градот без Ковид 19 е дека мора да има почит и разбирање.

„Да се почитуваме и во најтешките моменти да си помагаме, да не се напаѓаме, затоа што слушав многу во медиумите напаѓање, општо за сите, за скопјани, за охриѓани, мислам глупаво е, во една ваква ситуација стварно треба сите да си помагаме, никој не сака ни пандемија, ни вирус, ни болест, секој сака нормално да живее, да работи. Пораката е да се обединиме и да се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња, дека ќе се вратиме во некоја нормала повторно.“

Јасмина Јакимова

Мартин Колоски