Протестирам: И денеска во 18 часот пред СЈО

На познатото зборно место, пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје, вечерва во 18 часот продолжуваат протестите на Протестирам и Шарената револуција.

Од неформалното движење Протестирам остануваат на ставот дека политичката криза нема да се решава со преговори не се решава „затоа што со криминалци не се преговара“, туку само и исклучиво на улица.

„Од оваа борба нема откажување! Нашиот избор е тоталитарно мракобесие или улица. Ние ја одбираме улицата и затоа ви порачуваме: раскомотете се, ова ќе биде пеколно лето! #Протестирам полека ќе станува #блокирам, #окупирам и секојдневно го #менувам системот!“, повторуваат од Протестирам.

Протестите кои речиси секојдневно се одржуваат низ Македонија, започнаа на 12 април, кога претседателот Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција за политичарите против кои се водат постапки во СЈО. Од Протестирам имаа 8 барања и најавуваат дека секојдневно ќе излегуваат на улица се до нивно исполнување.  Досега е исполнето само барањето за одложување на изборите од 5 јуни.