Протести во Бразил против кратењето на буџетот за образование

Илјадници студенти и наставници протестираа низ Бразил против одлуката на претседателот Жаир Болсонаро да ги скрати парите за образованието.

Водачите на протестите повикаа на штрајк во вторникот во секторот образование, осудувајќи го кратењето на финансии за основните училишта и високото јавно образование.

Во Сао Паоло и Рио де Женеиро, стотици демонстранти излегоа на улиците осудувајќи ги кратењата.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Болсонаро, непријател на образованието“ и извикуваа „Дојди, излези на улица против кратењата“.

„Образованието е иднината на нашата земја, затоа мислам дека е важно да се дојде овде и да се протестира за да се испрати порака до владата дека студентите се на улица, наставниците се на улица и работниците се на улица“, рече 23-годишниот студент Едуардо де Оливеира Сантос.

Најновите намалувања од 87 милиони американски долари се случија во јули, а се однесуваат на учебниците во училиштата.

Министерството за образование веќе објави намалување за 30 проценти на универзитетското финансирање претходно оваа година и ги блокираше сите претстојни стипендии за магистерски и докторски студенти.