Протести во Алабама откако беше донесен нацрт-закон за целосна забрана на абортусот

Законодавците од американската сојузна држава Алабама усвоија нацрт-закон со кој се предвидува целосна забрана на абортусот, кој може да биде најстрог закон од таков вид во САД.

Државниот сенат го усвои законот со 25 гласови за и 6 гласови против, одбивајќи ги дури и исклучоците за легален абортус во случај на силување или инцест. Абортусот, според предложениот закон  ќе биде дозволен само во случај кога постои опасност по здравјето на мајката.

Нацрт-законот сега ќе оди на проверка кај републиканската гувернерка Кај Ајви. Таа сè уште нема соопштено дали планира да го потпише, но досегашните нејзини ставови покажуваа дека таа е силен поборник против абортусот.

По одлуката, педесетина граѓани одржаа протест пред сојузниот сенат, голем дел од нив облечени во препознатливата облека, која симболизира забрана на женските права, која мораат да ја носат „робинките“ во романот „Приказната на робинката“ на Маргарет Етвуд.

Активистите сметаат дека ваквиот закон ќе ја предизвика историската одлука на Врховниот суд од 1973 година, според која абортусот е легализиран во Соединетите Американски Држави.

Националната организација на жени ја нарече забраната неуставна, додека активистката Стејси Фокс ја нарече одлуката „црн ден за жените во Алабама и низ целата земја“.