Илјадници Бугари ги блокираа главните патишта во земјата и неколку гранични премини, протестирајќи против високите цени на горивата и нискиот животен стандард во најсиромашната земја на Европската Унија.
Демонстрантите протестираа во Софија и другите поголеми градови и на неколу часа блокираа повеќе важни сообраќајници, пред полицијата да ги разбрка, пренесуваат агенциите.
Додека Франс прес јавува дека демонстрантите ги блокираа гранчните премини со Турција и Грција, Анадолија пренесува дека биле блокирани премините со Турција, Романија и Србија, и дека блокада предизвикала километарски колони возила.
Според Анадолија, на улиците биле испратени повеќе од 4.000 полицајци.
Во Софија десетици илјади демонстранти го блокираа сообраќајот на главните булевари, извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“.
Протести се одржуваат секој викенд во последните месец дена, а демонстрантите најавија дека блокадите ќе продолжат.