„Простори за бездомност“ на Зорица Зафировска во Монтажната галерија

На 30 јуни од 19:30 часот во Монтажната/Мобилната галерија во Скопје ќе биде отворена изложбата „Простори на бездомност”. Се работи за самостоен проект на Зорица Зафировска куриран од Елена Велјановска, а реализиран во галеријата „o.T. & Projektraum“ во Берлин.

„Во минатите години, миграцијата сече низ ткаенината на нашите општества, со што полека ги растрошува идеите за слободно движење, и повеќе од кога било досега, ги прави видливи односите на моќ и ранливоста на мигрантите. Во ‘Простори на бездомност’ Зафировска, и самата мигрирачки патник, разоткрива еден многу интимен поглед на мигрантската криза којашто во моментов ја преструктурира социо-политичката ткаенина на Европа. Нејзиниот пристап се карактеризира со специфична наклонетост кон работа со ранливи групи. Дополнително, со нејзиниот многу чувствителен радар за човечкото страдање, таа поседува способност да се приближи и да воспостави сочувствителен контакт со различни субјективитети и ситуации. На овој начин, таа создава различни наративи и теми, коишто се распространуваат од кршење на човековите права, трговија со деца и жени, родово насилство и нееднаквост, социјална и политичка неправда, па сè до миграција и раселување“ стои во текстот на Елена Велјановска за изложбата.

Според Велјановска, сегашната изложба на Зафировска е градена врз идеите за бездомност, создавање простор и мобилност, или попрецизно, околу невидливата сила што понекогаш може да ги придвижи масите кон истребување.

„Притоа, делата се однесуваат на различноста на причините коишто придвижуваат кон спасение. Следствено, таа прикажува неколку различни стратегии за бегство, од кои некои завршуваат со смрт на вклучените лица. Во обидот да ги открие овие стратегии, таа истовремено ги открива и факторите на ризик, манипулацијата и корупцијата како неизбежен аспект од функционирањето во сивите зони на размена на стоки и човечки животи“, пишува Велјановска.

Овој проект е продолжение на изложбата „Преминување на границите“ составена од видео и инсталиции организирана од Наташа Прљевиќ. Оваа изложба беше остварена во 2016 во галеријата Idio_ за време на резиденцијалниот престој во Residency Unlimited во Бруклин, Њу Јорк.

Изложбата е финасиски поддржана од: Општина Центар, Град Скопје и Министерство за култура на РСМ.

Инаку, Зорица Зафировска е уметница, културна работничка и активистка. Нејзината уметничка работа вклучува широк спектар на истражувања поврзани со современите социо-политички теми, како трговија со луѓе и бездомништво. Во Скопје и на други места, таа прави специфични, временско-просторни инсталации, мали акции и активности, кои се потпираат на критични пристапи на презентирање на нејзината работа.