Проширувањето на булеварот АСНОМ го „јаде“ зеленилото во Аеродром

Што се гради, кој ги корне неодамна засадените дрвја, зошто се навлегува толку длабоко во зеленилото кон зградите, се само дел од прашањата кои ги поставуваат жителите на Аеродром, откако започнаа градежните активности за проширување на булеварот АСНОМ.

Најавите за проширување на  булеварот минаа без поголеми реакции, се до моментот кога багерите почнаа со копање, па стана очигледно уништувањето на зеленилото на сметка на новиот бетон и асфалт.

Помалку зеленило, поголемо гушење, се дел од коментарите по социјалните мрежи на луѓето кои живеат во Аеродром, инаку една од најзагадените општини во Скопје.

Како што информираат од Град Скопје, градежните работи кои во моментов се вршат на потегот од мостот „Близнаци“ со салата „Јане Сандански“ се само првата од трите фази кои ќе бидат реализирани во рамки на проектот за поврзувањето на Аеродром со Ќерамидница.

„Во првата фаза од овој проект се врши проширување на булеварот АСНОМ, што се одвива на потегот од крстосницата со бул. Србија до крстосницата со бул. Васко Карангелески. Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, каде што новиот булевар АСНОМ ќе добие по 3 коловозни ленти од двете страни, средишно булеварско зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот, како и тактилни патеки за лицата со оштетен вид по целата должина на пешачките патеки“, објаснуваат од Градот.

Во следните фази пак, ќе биде изграден нов мост на реката Вардар непосредно до салата „Јане Сандански“, со преку кој ќе се овозможи спојување со бул. „Гоце Делчев“.

Навлегувањето во зеленилото кон зградите на АСНОМ пак, нешто што последно ги изреволтира жителите во околината, како што појаснуваат од Градот, се прави за изградба на пешачки и велосипедски патеки кои отсуствуваа на старата улица.

J.J.