Просечната оценка на државната матура е 3,47

Просечната оценка на матурантите годинава е 3,47 соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми. Оценката бележи благо подобрување од лани, кога била 3,42.

Просечната оценка по предметот македонски јазик и литература оваа година е 3,69, за разлика од минатата кога била 3,66. По албански јазик просечната оценка е 3,85 во однос на минатата година кога изнесувала 3,81. Резултати со благо намалување на просекот покажале учениците кои полагале турски јазик и литература, односно просечната оценка оваа година е 3,73, а минатата 4,18.

За математика постигнувањата се најдобри во последните три години. Годинава просечната оценка е 3,65 во однос на минатата кога изнесувала 3,37.

И годинава има голем интерес кај учениците за полагање на англиски јазик и тоа за 310 ученици повеќе од минатата година, или вкупно 14.103 ученици. Од нив 7,35 проценти не го положиле испитот, а 6,22 проценти имаат одлична оценка. Просечната оценка годинава е 3,07, додека минатата година беше 2,91. Кај предметите бизнис, историја и биологија има значително опаѓање, односно средната оценка по бизнис е 3,22 додека лани изнесуваше 3,29. По историја просечната оценка оваа година е 3,51 а лани изнесуваше 3,56. По биологија просечната е 3,67 додека минатата година изнесуваше 3,79.

Кандидатите кои се пријавиле за полагање во јунскиот испитен рок, но не положиле, дел или сите испити од државната матура ќе можат повторно да се пријават за полагање во августовскиот испитен рок.

Оваа година Државна матура полагаа 15.553 ученици од кои 7.692 од гимназиско и 7.604 од стручно образование, како и 257 ученици од средно уметничко образование.

Резултатите од екстерните испити на Државната матура за учебната 2018/2019 година што се спроведе во период од 1 до 13 јуни денеска ќе бидат достапни на огласните табли на училиштата, како и на интернет страницата matura.gov.mk.