Промовирана веб-страница за бесплатна правна помош

Во организација на Советот на Европа и Делегацијата на Еврпоската унија денеска беше промовирана веб-страницата pravnapomos.mk преку која граѓаните може да се информираат за правото кое државата го дава во вид на бесплатна правна помош, соопштуваат од Министерството за правда.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање посочи дека правниот јазик често е нејасен за голем број на граѓани кои се соочуваат со потешкотии да ги остварат своите законски загарантирани права, но и дека сиромашните граѓани не можат да ги покријат трошоците во судовите за да решат некој спор од правна природа.

Тој истакна дека преку системот за бесплатна правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба можат да се обратат до министерството, неговите подрачни единици и граѓанските оргнизации, и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на министерството.

„Со подобрувањето на пристапот до правда, односно преку информирање и помош за граѓаните како да ги остварат своите права или пак со обезбедување на адвокат од буџетот на државата – ние се бориме со нееднаквоста во општеството и им покажуваме на граѓаните дека се грижиме за нив. Правната помош постои за да им го подобриме животот на граѓаните кои се на маргините
на општеството“, рече тој.

Маричиќ истакна и дека правната помош значи дека без разлика на социјалниот статус, граѓаните, како што рече, ќе бидат еднакви пред судот и дека законот важи еднакво за сите. Тој ги охрабри граѓаните да ја посетат веб-страницата и да побараат бесплатна правна помош.