Промовирана „Отворената училница“ во ОУ „Владо Тасевски“ направена од ученици и родители

Со приредба и проекција на кратко видео, учениците и професорите од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје денеска ја претставија нивната прва „Отворена училница“, со што го одбележаа Светскиот ден на детето и детските права.

Професорките Симона Петкоска Илиеска и Мирјана Андреска се потсетија на целиот процес кој започнал пред шест месеци кога го добиле проектот од Бирото за развој на образованието за организирање отворен ден во училиштето. Без размислување го прифатиле предизвикот и заедно со учениците, нивните колеги и родители ја изработиле отворената училница, која е дел од активностите на проектот.

Професорката Петкоска Илиеска спомена дека неслучајно го одбрале Светскиот ден на детето и детските права за да одржат отворен ден.

„Не требаше многу за да одредиме ден, ние кои цел работен век го поминуваме со, за нас, најважните – децата, најсоодветен ден е 20 ноември, Светскиот ден на детето и детските права. Така започна се, предизвикот беше голем, сето она што ќе го видите надвор во нашиот училишен двор го планиравме долго време. Морам да потенцирам дека носители на проектот се учениците од деветто одделение, тие минатата година учеа по новата програма за граѓанско образование“, рече таа.

Петковска Илиевска додава дека е важно да се има отворена училица.

„Образовниот процес, посебно ние, професорите по граѓанско образование сакаме да биде не толку формален, не сакаме училници, затворен простор, катедра, табла. Децата треба да научат дебата, децата треба да научат граѓански активизам, учества, волонтирање и како поинаку тоа би го научиле, ако не на еден пријатен амбиент, односно летна училница на отворено која ја направивме во ОУ „Владо Тасевски“.

На ова се надоврзаува нејзината колешка Андреска која им се заблагодари на родителите кои се вклучиле во процесот.

„Направивме место каде што учениците можат да поминуваат пријатно време, да имаат слободни ученички активности, меѓутоа и место на кое ученичките активности можат да се одржуваат во поинаква средина. Едниот двор кој го адаптиравме за училница е веќе подготвен, меѓутоа направивме и една игротека на која и следи доработка. Веќе следнава пролет имаме уште една активност која што ќе ни биде доработка на надворешното игралиште за детската игротека и досредување на остатокот од училишниот двор“,  најави Андреска.

Младинскиот образовен форум учествуваше во изработката на отворената училница и донираше бои и спрејови за муралите и графитите во училишниот двор, како и земја и цвеќе со кои беше уредена надворешната училница.

Родителите, пак, им препорачуваат вклучување во ваква активност на родителите од другите општини и училишта.

„Успех е да се биде дел од групата на родители што активно учествуваа во овој проект. Се чувствуваме гордо затоа што се покажа дека децата се зрели и сакаат да направат нешто за подобрување на нивното секојдневие, за подобрување на наставата, да се отворат нови начини на следење на наставата. Да имаат допир со надворешната околина, со природата. Како активна училница, идејата беше многу добра. Ми се допадна идејата да направиме нешто за најмладите, да се направи катче и за нив, сето тоа беше прекрасно искуство, професорите со кои работевме беа исклучително активни, мотивирани и беше задоволство да се учествува во ваков проект. Двата дена беа исполнети со многу музика, весел џагор, со луѓе полни со енергија кои што сакаа да дадат свој допринос. Не се гледаше кој што работи, децата туркаа колички, се бојадисуваше. Се беше толку убаво, спонтано и добро организирано“, изјави родител за Радио МОФ кој учествувал во создавањето на отворената училница.

Ивана Смилевска