Промовирана нова македонска илустрирана енциклопедија за деца

Триесет и девет тематски целини за Република Македонија содржи „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“, која беше промовирана денеска, во издание на „Едука Мак“.

Авторката Маказлиева рече дека се работи за единствено издание од ваков вид кај нас, додавајќи дека изработката на вакво дело е многу тешка работа, затоа што мора да се имаат сите информации за Македонија и тие да им се приспособат на најмалите.

„На Гугл може да најдете информации од секаков вид, но да се стават дозирани содржини кои ќе бидат наменети само за децата е неверијатно тешка и макотрпна работа. Идејата произлезе од тоа што јас со моето повеќе од 30-годишно работење како уредник и како автор честопати се среќавав со енциклопедии кои беа копродукциски изданија преведени од странски издавачки куќи и од разни видови – општи и тематски. И кај нас, исто така, се правеа обиди да се направат некакви енциклопедии, но за нашата држава досега не сретнав некој да добие таква идеја“, изјави Маказлиева за МИА.

Иако целна група се децата од шест до дванаесет години, според повратната информација, вели таа, има впечаток дека енциклопедијата заинтересирала и возрасни читатели.

Енциклопедијата има над 80 страници и опфаќа 39 теми, сето тоа придружено со оригинални илустрации.