Промовирана книгата – брошура „Записи за Кораб“

Во рамки на планинарската тура за искачување на врвот Чапарец на Кораб, на 5 јуни, се одржа и промоција на книгата – џебна брошура „Записи за Кораб“, посветена на планината Кораб и нејзините (не)откриени врвови, езера, водопади и предели .

Од планинарското друштво „Трансверзалец“ информираат дека книгата „Записи за Кораб“ се состои од 2 дела во кои на 48 страници се содржат 0пшт географски преглед на планината Кораб и нејзините (не)истражени врвови, езера и предели кој опфаќа опис на природно-географските одлики на планината Кораб, историски осврт на преданијата од народното творештво за името на Кораб и записи од првите планинарски походи во минатото.

„Книгата содржи и описи со предлози за именување на помалку познати врвови, езера, водопади, места и предели на Кораб напишани од Марио Шаревски и извадоци од записи од Планинарскиот дневник прибележан и раскажан од Зоран Тодоровски со податоци од нашето прво трансверзално планинарско минување по целата планина Кораб во 2019 година“, се вели во соопштението.

Од „Трансверзалец“ истакнуваат дека брошурата настанала како резултат на првиот тридневен трансверзален поход со шатори по целиот срт на планината Кораб во 2019 година, кој бил повторен и продолжен и во 2020 во чест на 1000 годишнината на Бигорскиот Манастир, а во себе содржи податоци од истражувања и посети на планината Кораб од 2015 и 2018 година.

„Целта на оваа книга – брошура е преку именувањето и дадените податоци за точната местоположба, во сообразност со споделеното искуство од посетите на овие врвови, езера, места и предели да се оствари придонес во насока на зголемување на бројот на посети на планинарите и туристите, а со тоа и за промоција и поголемо искористување и развој на потенцијалите на Кораб, кој нуди извонредно големи можности во поглед на планинарството и туризмот, а со тоа и за сеопштото економско искористување, вреднување (валоризација) и добросостојба“, велат од планинското друштво.

Книгата „Записи за Кораб“ е во издание на здружението „Единствена Македонија“ и претставува второ издание на здружението, по објавувањето на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 2016 на 120-годишнината од нејзиното првично отпечатување во 1896.