Промовирана интеркултурната воспитно-образовна платформа „Едуресурс“

Организацијата Нансен Дијалог Центар Скопје информира дека е промовирана првата интеркултурна воспитно-образовна платформа Едуресурс (www.eduresurs.mk), како последен нивен продукт.

„Интеркултурна воспитно-образовна платформа е градена и развиена како ризница на лесно достапни и широко применливи едукативни содржини и ресурси, со цел поддршка на воспитно-образовниот процес во одделенска настава“, велат од НДЦ Скопје.

Од таму потенцираат дека Селектираните содржини се структурно поставени да ги следат воспитно-образовните цели предвидени за развојниот период од 6 до 10 години, како една од фазите кога учениците интензивно развиваат и усовршуваат многу вештини, совладуваат многу когнитивни, моторни операции и прошируваат разновидни предзнаења.

„Истите нудат мноштво на приоди, идеи, игри и активности со кои дополнително би можел да се збогати воспитно-образовниот процес, а како особена придобивка на овие ресурси е вградената интеркултурна димензија. Истата е суптилно внесена преку промоција на јазични, културни, родови, физички, социјални, етнички посебности присутни како во локален, така и во глобален контекст. На овој начин наставните содржини, би ја добиле истовремено и интеркултурната карактеристика, како еден од поголемите предизвици на современото образование“, информираат од организацијата.

Исто така, велат тие, сите содржини се достапни на три наставни јазици, односно на македонски, албански и турски јазик. Содржините се организирани во 6 подрачја: јазик, математика, наука, уметност, техника, општество.

Секое подрачје нуди 20 различни активности, односно платформата во моментов е извор на 120 модел активности.

„Во подготвувањето на понудените содржини беше вклучена поголема групна на докажани одделенски наставници, со успешни и добри практики, како и тимот за едукација при НДЦ Скопје“, се вели во соопштението на организацијата.

Инаку, НВО Нансен Дијалог Центар Скопје за себе велат дека е организација која веќе дваесет години континуирано делува во воспитно-образовната сфера, со особен акцент и фокус на интеркултурното образование.

„Aктивностите и заложбите на НДЦ Скопје се систематски посветени на повеќе аспекти, со цел поддршка и развој на интеркултурни компетенции, како и интеркултурна трансформација и облагородување на севкупниот воспитно-образовен процес“, соопштуваат тие.