Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска почнаа промотивна кампања за подигнување на видливоста на европските програми наменети за образование, обука и млади и можностите за нивно искористување.
На денешната прес-конференција, министерот Спиро Ристовски изјави дека кампањата ќе информира за реализацијата на програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“ и за вклучувањето на Македонија во програмата на Европската комисија „Ерзамус+ 2014-2020“.
„Согласно акцискиот план за реализација на капањата предвидени се четири инфо денови за програмата „Доживотно учење“ и два инфо денови за „Млади во акција“ за кои може да се аплицира до крајот на годината, со што очекуваме искористување на средствата од досегашните 85 отсто да се зголеми на 90 проценти“, рече Ристовски.
Упати апел до потенцијалните корисници, посебно да обрнат внимание на новата програма „Еразмус+“ бидејќи таа ќе обезбеди поголеми можности преку буџетот кој ќе биде двојно поголем во однос на буџетите за програмите од оваа година, а ќе изнесува 3,5 милиони евра.
Првиот инфо ден ќе се одржи во Скопје на 7 ноември во спортската сала „Борис Трајковски“ за програмата „Млади во акција“, а во текот на истиот месец ќе биде посетен и градот Кочани. Во ноември инфо денови за програмата „Доживотно учење“ ќе има во Скопје, Охрид, Тетово и Кавадарци.
„Деталите за новата програма „Еразмус+“ ќе бидат достапни на инфо деновите на работилниците што ќе се сучуваат во декември во повеќе региони низ државава“, рече директорот на Националната агенција, Дарко Димитров.