Промоција на романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Во рамки на Фестивалот на европската литература „BookStar“, утре, 21 октомври, со почеток од 19 часот, во Кинотеката на Северна Македонија ќе биде промовиран романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски.

Романот го издава издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а тој истовремено претставува и трет роман на Јанковски, кој дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

„Во него преку комбинацијата на педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказни за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањата за тоа како луѓето ја гледаат ‘својата приказна’, колку конструкцијата на тоа што сме или што сакаме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот. ‘Скриени желби, немирни патувања’ истовремено е и роман за патувањата низ надворешните и внатрешните простори, роман што ги истражува разликите, пресекувањата и поклопувањата на овие навидум различни територии. Комбинацијата од непристрасен поглед на камера и лично обоено раскажување го создава необичниот тон на книгата, кој е еден од најважните аспекти на книгата“, се вели во најавата за настанот.

Организаторите посочуваат дека промоцијата е замислена како разговор со авторот, кој ќе го води писателот Владимир Мартиновски, а дополнително, во рамките на промоцијата ќе бидат претставени и две видеа со извадоци од романот кои се направени врз основа на фотографиите на македонскиот фотограф Дејан Колевски.

Јанковски работел како уредник во повеќе издавачки куќи, а има и објавено две книги фотоесеи во соработка со фотографот Иван Блажев и книга разговори со Влада Урошевиќ. Авторот ја добил наградата „Рациново признание“ за неговиот роман „Невидливи љубови“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.