„Раздримување“ со книжевни промоции и изложба во Струга

Од вечерва, па до 22 август во рамки на програмата „Раздримување“ на фестивалот „ДримОн“ ќе се одржат книжевни промоции, меѓу кои и на реобјавеното издание на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски. Почетокот на настанот е во 20 часот во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

„’Село зад седумте јасени’ официјално е првиот македонски роман, објавен во 1952. Од тогаш поради разни причини не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Јаневски во еден момент се откажал од авторството на романот и во 1965 го објавил романот ‘Стебла’ како втора верзија од ‘Село зад седумте јасени’“, велат од Фондацијата „Славко Јаневски“.

Како што најавуваат, во изданието кое ќе биде промовирано се опфатени двата романи, а велат дека тоа е уникатна можност за тие да се споредат и да се протолкуваат мотивите за контроверзната одлука на Јаневски. Додаваат дека покрај романите, ќе биде промовиран и првиот број на списанието „Архив Јаневски“, насловен „Јавач на Комета“, а промотор на списанието е Звездан Георгиевски, основач на Фондацијата Славко Јаневски.

Во истата вечер ќе се одржи промоција и на романот „Некој бил тука“ на Николина Андова Шопова, кој ја освои наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата Славко Јаневски.

Следниот ден, на 20 август ќе биде промовиран и романот „Последното име на иднината“ на Живко Гроздановски. Тој е книжевен преведувач од и на италијански јазик и прозаист. Досега ги објавил збирките раскази „Отпечатоци врз коцки мраз“ (Темплум, 2009/2016) и „Приказни за тревите“ (Антолог, 2011) и романите „Куфер за тројца“ (Или-или, 2014) и „Последното име на иднината“ (Антолог, 2018). Имал неколку студиски и книжевни престои во САД, Италија и Босна и Херцеговина, и учествувал на неколку книжевни, преведувачки и филмски работилници.

На 22-ри, во склоп на Струшки вечери на поезијата, во 23 часот на плажата „Галеб“ ќе се одржи промоција на книгата „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш. Негово прво самостојно книжевно дело.

Истата вечер, во рамки на „Ноќи без интерпункција“ (24.00- 2.00) , во фоајето на ЦК: „Браќа Миладиновци“, ќе биде поставена и неговата изложба „Скицеркајки 0-5“.

„И нам ни недостига малиот книжевен саем, кој се навикнавме низ годиниве да ни носи квалитетни наслови, но веруваме дека и со оваа „специјална“ селекција, патем проследена и со добра промоторска препорака, ќе им удоволиме на вашите апетити за вкусни четива“, велат од „ДримОН“.

Целиот настан може да го погледнете тука.