Промоција на книгата „Вештерките денес“, филм и игранка на 27 април

Во скопскиот Музеј на современа уметност на 27 април од 20 часот ќе се одржи промоција на поетската книга „Вештерките денес“ од Калиа Димитрова. Со книгата истовремено стартува новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа „Темплум“. Едицијата му е посветена на Огнен Чемерски.

„‘Вештерките денес’ е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа. Освен тоа, книгата има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман“, стои во најавата за книгата.

Никола Гелевски, главниот уредник на „Темплум“, на промоцијата ќе зборува за новата едиција и за книгата. Актерката Кристина Леловац ќе прочита неколку песни од стихозбирката.

Премиерно ќе биде прикажан и краткиот филм „Вештерките денес“, во режија на Борјан Стојков, изработен според пет песни од збирката на Калиа.

По официјалниот дел од програмата ќе следи мала коктел забава со музичка селекција на Ивана Низамовска.

Пријатели на настанот се КОМА – дизајн студио, Музеј на современата уметност – Скопје, Министерство за култура, Винарија Тиквеш, Крин слаткарница, Бугати Бистро и Радио МОФ.