Промоција на книгата „Денот кога го изедовме бога“ од Гордана Јовиќ – Стојковска

Новата книга од писателката Гордана Јовиќ – Стојковска, „Денот кога го изедовме бога“ ќе биде промовирана во среда (23 ноември) во 19:19 часот во Салон Империјал 2.

Станува збор за роман со кој според, Венко Андоновски, авторката оди подалеку па тој свет е претставен не само како слободен од мисла туку и како агресивен, острастен и умоболен.

„Таа покажува дека кога светот ќе се ослободи од Бога, тој веќе нема потреба ни од морал ни од полиција ни од суд, зашто ако Бога го нема (како и кај Достоевски) – сè е дозволено. Затоа и за главна тема на своето најново прозно дело таа ја одбира – педофилијата: сексуалната злоупотреба на малолетнички, од страна на општествено имобилизирани и недопирливи моќници. Се разбира, околу оваа основна тематска оска, Гордана дијагностицира и една севкупна психопатологија на општеството“,  забележува Андоновски.

Книгата ќе ја промовираат  Елизабета Јончиќ и Иван Антоновски, а водител на вечерта ќе биде Димитрие Мијатовиќ.

Гордана Јовиќ – Стојковска е книжевник и есеистичар, преведувач и истражувач на јужнословенска митологија. Таа дипломирала на Филолошки факултет. Работи на организирање на Млада Струга, Струшки вечери на поезијата,  Рацинови средби и  на меѓународни симпозиуми „Исток – Исток“. Автор е на повеќе книжевни дела, поезија и проза. Сите нејзини прозни дела се објавени на српски и македонски како авторски. Од 2001 година активно се занимава и со преведувачка дејност и има над 30 поетски, прозни и стручни книги. Добитник на повеќе меѓународни и домашни награди. Нејзините дела се преведувани над 20 светски јазици.