Промоција на деби албумот „Синестезија“на гитаристот Кристијан Волчев во МКЦ

Гитаристот Кристијан Волчев ќе го промовира својот деби албум „Синестезија“, утре со почеток од 21 часот во Младинскиот Културен центар. Албумот на Волчев се состои од десет песни кои содржат ритмичка комплексност која е надополнета со перкусивни елементи отсвирени на гитара.

Идејата е со секоја песна да се доживее синестезија, односно звукот да добие боја. Две од десетте песни се реаранжмани на „Со маки сум се родила“ и „Јовано, Јованке“.

Темата на албумот е “The Nihilist”, како што е именувана и песната која веќе има видео запис. Нихилизмот вели дека постоењето е бесцелно. Но, албумот е приказна за надминување на овие размислувања. Инспирацијата е личното искуство на авторот трагајќи по одговорот за постоењето во материјалниот свет.

Волчев ќе биде придружуван од Антоние Весковски на перкусии, а гости на овој настан ќе се и „D.S.H.“, од кои Иван Петровски ќе го придружува Волчев на гитара, Филип Димишковски на пијано, Дејан Митровиќ на контрабас и Виктор Филиповски на тапани. Посетителите ќе имаат можност првпат во живо да го слушнат нивниот нов авторски материјал.