Променет возен ред на автобусите на ЈСП поради полицискиот час, претпријатието апелира да се носат маска и ракавици

Откако полицискиот час стапи на сила од вчера, последните термини на поаѓање на автобусите на ЈСП се менуваат, како и работното време на билетарниците и центрите за персонализација, информираат од претпријатието.

Оттаму апелираат до сите граѓани, рационално да го користат јавниот превоз, притоа да носат заштитна маска и ракавици и да се однесуваат во возилата согласно препораките за превенција од ширење на коронавирусот.

Со новите мерки на Владата, градскиот превоз во Скопје, како и меѓуградскиот автобуски превоз низ земјата ќе мора да го лимитираат бројот на патници за 50 отсто, со тоа што меѓу нив ќе има најмалку два метри оддалеченост и исклучиво со користење на заштитна маска и ракавици.

Но, ова е сликата од утринава, во автобус број 57 на ЈСП:

Утрово, сликано во автобус бр.57

Владата во саботата донесе одлука за забрана за движење на населението во период од 21-06 часот, така што последните поаѓања на дел од автобусите на ЈСП ќе бидат најдоцна до 20:30 часот, а некои и порано, додека првите утрински поаѓања на сите линии ќе бидат оние од 6 часот.

Комплетниот преглед на сите линии може да се види на веб страницата на ЈСП Скопје на следниот ЛИНК каде тековно ќе се објавуваат термините.

„На пример вообичаениот возен ред на линија 5 е од 5.05 ч, 5.30 ч, 5.55 ч, 6.15 ч, што значи дека во актуелнава ситуација, првиот автобус што ќе почне да сообраќа ќе биде тој во 6.15 часот. Дополнителни информации во врска со возниот ред можат да се добијат во Диспечерски центар на 3173-224“, велат од ЈСП.

Билетарниците и центрите за персонализација, пак, од утрово почнаа со работа во 7.30 часот.

„Воопшто нема да работат билетарниците кај Транспортен центар (на излез), таа кај Пошта, а затворени во наредниов период ќе бидат и билетарниците во населбите Радишани, Карпош 4 и Железара. До 13 часот од понеделник до сабота, ќе работат билетарниците во Бутел (кај поранешното кино), Кисела Вода, Лисиче и билетарницата во населба Даме Груев. До 17 часот од понеделник до сабота ќе работат билетарниците во ГТЦ, Аеродром, Ѓорче Петров, Ново Лисиче, Буњаковец, Зелен пазар, Бутел (кај пазарот), а истото работно време ќе важи и за билетарниците во Маџари, Драчево, кај дирекција на ЈСП Скопје, Сарај и Дом на печат. Во недела, до 13 часот ќе работат билетарниците во Ѓорче Петров, кај Зелен пазар и таа на излез кај Транспортен центар“, стои во соопштението на ЈСП.

Времено затворени ќе бидат четири центри за персонализација, во Автокоманда (кај Шумарски факултет), во Аеродром, Влае и центарот за персонализација во просториите на ЈСП Турс. Центрите во Карпош 2, на Бит пазар и Транспортен центар ќе работат од понеделник до сабота до 17 часот. Во недела ќе бидат затворени.

И во наредниот период продолжуваат да важат одлуките за времено укинување на бесплатните годишни средношколски и студентски билети, а и натаму укината е одлуката за бесплатен превоз за возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела.

Времено и во наредниот период, не сообраќа туристичката линија, трите линии до Водно, а не работи ниту Жичарницата.