Произведени батерии за електрични возила кои целосно се полнат за пет минути

Батерии кои можат целосно да се наполнат за пет минути за првпат се фабрички произведени што претставува значаен чекор напред кон идејата електричните возила да станат едноставни за полнење на сличен начин како полнењето гориво кај возилата на бензин или дизел

Електричните возила се значаен дел од акциите за справување со климатската криза, но една од најголемите загрижености на возачите беше брзото празнење на батериите и бавното полнење. Новите литиумски, развиени од израелската компанија „Стор Дот“, имаат екстремно брзо полнење, пренесува Гардијан.

„Број еден пречка за користење на електричните возила повеќе не е цената, туку загриженоста за дистанцата. Или сте уплашени дека ќе ви се испразни батеријата на некој автопат, или пак дека треба да чекате по 2 часа на станиците за полнење. Но, доколку искуството на возачите при користењето е исто како полнење на бензински автомобил, тогаш целата оваа грижа исчезнува. Батерија која се полни за пет минути се сметаше за невозможност. Но, ние не промовираме прототип, туку инженерски примерок од производствена линија. Ова демонстрира дека е можно и дека комерцијално подготвено“, вели директорот на „Стор Дот“, Дорон Мајерсдорф.

Нивните батерии можат целосно да се наполнат за пет минути, но за тоа ќе бидат потребни посебни и помоќни полначи, различни од оние кои денес се користат од електричните возила. Од компанијата велат дека со постојната инфраструктура, до 2025 година, со пет минутно полнење ќе може да се извозат 160 километри.

„Стор Дот“ веќе ја демонстрирале нивната „екстремно брза“ технологија за полнење на телефони, дронови и скутери, а сега произведоја 1.000 примероци од батериите за да ја покажат нивната технологија и на автомобилската индустрија.

Постоечките литиумски-јонски батерии користат графит како една електрода во која се сместуваат литиумски јони за складирање електицитет. Но кога тие се полнат брзо, јоните се згустуваат и можат да се претворат во метал и да направат краток спој во батеријата.

Новите батерии на „Стор Дот“ го заменуваат графитот со полупроводни нано честички во кој јоните можат да се движат многу полесно. Овие честички моментално се направени од германиум, но компанијата планира да користи силикон, што е многу поевтино. Таквите прототипови на батеријата се очекуваат подоцна оваа година.