Програма за јубилејното издание на ТАКСИРАТ 2018

Утре (четврток, 29-ти ноември) во Скопје почнува 20-тото издание на најголемиот урбан зимски фестивал во Југоисточна Европа, македонскиот фестивал Таксират чија програма ќе трае до 8 декември. На програмата за јубилејното издание, Таксират пред својата публика ќе претстави повеќе од 50 музички концерти, а во рамки на првиот од низата настани, на ПИН конференцијата, Скопје ќе биде домаќин и на повеќе од 100 странски делегати, значајни имиња и експерти од европската музичка индустрија.

Програмата почнува со меѓународната ПИН конференција која по петти пат го претвора Скопје во центар за средба на професионалците од регионалната и европската музичка индустрија. Годинава ќе се одржува од 29 ноември до 1 декември во Младинскиот културен центар во Скопје. Првиот ден на конференцијата е резервиран за македонскиот панел „Љубов ли е ова или панаѓур?“ посветен на најгорливите теми за културната сцена во земјава, официјалното отворање на Таксират е вечерта , на 29 ноември, со концерт на Д-р Неле Карајлиќ, сејугословенската легенда од „Забрањено Пушење“ и „Топ листа надреалиста“. Во рамките на ПИН најавени се 25 концерти, а влезот е бесплатен.

Таткото на Дуа Липа, грузискиот клуб Басиани и врвот на европската музичка индустрија доаѓаат на ПИН конференција

По ПИН, Таксират продолжува и наредниот ден со првиот самостоен и веќе целосно распродаден концерт на Страјк на 2 декември. Одамна распродаден е и настапот на РАМБО АМАДЕУС, еден од најавтентичните автори во регионов кој конечно кај нас ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“ на 3 декември, па Рамбо ќе има и втор настап следниот ден кој е реќиси распродаден, информираат од Пасворд.

Истата вечер (4 декември) во „Дансинг Сала“ во МКЦ ќе се одржи и концертот на At The Gates, ѕвездите од светската метал сцена и едни од предводниците на „Gothenburg melodic deathЗ“ звукот, на чиј концерт како гости ќе настапат Hardfaced и Heresy.

На 6 декември, публиката во МКЦ ќе има чест да биде дел и од самостојниот концерт на Киборг, култното име на македонската музичка сцена кое важи и за првиот индустријал бенд во Македонија.

Киборг – Исполнување на дамнешната желба за квалитетен сајбер-панк бенд во Македонија

Последниот ден од програмата во МКЦ, 7 декември е резервиран за Лузер фест кој веќе ги избра и финалистите за годинашното издание, младите бендови Halfgod од Кичево, Reinconnected од Охрид, Дактили од Струмица и скопските Fiction, Thyme и Iyah. Како специјални гости со настап за промоција на нивниот албум-првенец ќе настапат ланските победници Conspiracy.

На 8 декември, во сабота,Таксират се сели за својата финална завшница на нова локација, во скопската Арена „Борис Трајковски“ каде што ќе се одржува главната вечер на Фестивалот со повеќе од 10 врвни музички ѕвезди кои ќе настапат во иста вечер на три различни бини во Арената. Меѓу предводниците на главната вечер се светските музички ѕвезди и легендарни имиња кои за прв пат ќе настапат во Македонија како Pendulum, Mando Diao, Rahzel и The X-Ecutioners, а покрај нив и изведувачите кои македонската публика веќе ги препознава по фантастични настапи, како Nouvele Vague, Дубиоза колектив, Therapy и од македонската музичка сцена Smut, SAF Sound System, Trap Da Fuck UP и Културно Уметнички Работници.