Прогласени победниците на средношколскиот натпревар за претприемнички вештини

„Слободно крило“ е насловен тимот на средношколци кои го освоија првото место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во претприемнички вештини кој се одржа на 26 ноември во организација на „Џуниор Ачивмент Македонија“, во соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Средношколците Мартина Нанева, Петар Цековски, Анастасија Накова и Јана Манова од четири средни училишта од Кавадарци, Скопје и Свети Николе понудија решение кое се однесува на еден поинаков вид хотелски услуги. Впрочем, цел еден дел на хотелскиот простор е прилагоден за престој на млади луѓе со „куќен ред“, како и простор за настани прилагодени на нивните интереси и потреби.

На натпреварот учениците го користеа своето знаење, применувајќи претприемнички вештини и тимска работа со цел да најдат иновативни одговори за предизвикот. Презентациите на учесниците ги оценуваше жири комисија која врз основа на воспоставените критеруми за квалитет на изработка на бизнис план, иноватнивност на понуденото решение и квалитетот на изработеноата презентација и тимскиот дух, ги одбра трите најдобри теми.

На настанот се обрати министерот за образование и наука Арбер Адеми кој вели дека нашата држава има потреба од младина која е насочена кон стекнување на знаење и вештини, за кој вели, ќе се користат за идеи за бизнис и нови продукти.

„Џуниор Ачивмент е организација која има значаен придонес кон градењето на активна преприемнички ориентирана младина насочена кон развој на иновации и реализација на сопствени бизнис идеи“, рече Адеми.

Наташа Булеска преставничка од канцеларијата на УСАИД, го изрази своето задоволство да биде дел од настанот во кој се вклучени младите, како и на можноста да ги слушне креативните идеи на учениците во нивните напори на зголемување на туристичкиот потенцијал на државата. Булеска, исто така, го изложи своето уверување дека и понатаму ќе слушаме за идни успеси на учениците кои се дел од програмата на „Џуниор Ачивмент“.

Проректорот за меѓународна соработка на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, проф. д-р Зоран Ивановски вели дека независно од тоа што ќе има само неколку добитници на награди од овој натпревар, на присутните им истакна „сакам да знаете дека сите сте победници“.

„Токму затоа, со сигурност тврдам дека најдобрата инвестиција е инвестицијата во образованието. УТМС секогаш ќе биде ваш партнер и соработник во развојот на образованието и унапредување на вештините на следната генерација лидери“, вели Ивановски.

На настанот се обрати и извршниот директор на „Џуниор Ачивмент Македонија“, Љупка Панчевска која истакна дека натпреварот има за цел средношколците да применат техники при решавање на проблеми и носење на брзи одлуки, да научат корисни вештини за тимска работа и да ја победат тремата од презентација. Таа дополни дека кампот на иновации е добар пример за Програмата за ученички компании, за која вели дека во Европа се смета за најдоар пример за претприемничко учење, каде преку јакнењето на компетенциите и вештини на младите се подготвуваат за предизвиците на пазарот на труд.

На натпреварот учествуваа 52 ученици од 13 средни училишта од територијата на целата држава.

Учениците работеа во 13 тима од по 4 ученици, а им помагаа 13 бизнис волонтери во нивната интензивна работа на пронаоѓање на иновативно решение на поставениот предизвик.