Прогласени најдобрите просветни работници во Скопје за оваа учебна година

Здружението на просветни работници на Скопје ги награди најдобрите просветни работници за учебната 2017/2018 година.

Награда за просветен работник од предучилишно образование и воспитание доби Билјана Брауновиќ воспитувач во ЈУДГ „Весели цветови“-Скопје, а за просветен работник од основно образование, одделенска настава е наградена Марија Матеева, професор по одделенска настава во ООУ„Лазо Ангеловски “ -Скопје.

За просветен работник од основно образование, предметна настава признание и беше врачено на Аида Петровска, наставник по физика во ООУ „Димитар Миладинов“ -Скопје, за просветен работник од средно образование на Снежана Пеловска, професор по биологија во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин “ -Скопје. Награда за стручен соработник пак доби Милка Тримчевска, библиотекарка во ООУ „Браќа Рамиз Хамид“ – Скопје.

Согласно статутот на Здружението, секоја година се прогласува просветен работник на годината на Град Скопје од предучилишно образование, од основно образовие и тоа од одделенска и предметна настава, како и од редот на стручните соработници и просветен работник од средно образование. Наградата се доделува во пресрет на 24 Мај, Денот на просветните работници.