Професорка во хрватска гимназија со лажна диплома предавала 18 години

Изминативе две недели во Хрватска почна да се „чешлаат“ дипломите во школскиот систем. Досега се пронајдени три фалсификувани дипломи.

Јавноста е шокирана по веста дека една од професорите кои беа откриени со лажна диплома, предавала на средношколци 18 години.

Сите три случаи произлегле од Филозофскиот факултет.

Министерката за образование и наука Блаженка Дивјак соопшти дека следува отказ за фалсификаторите.

„Некои од нив имаат и жигови кои не постојат на такви дипломи. Имаат некои недостатоци, знакот на факултетот и знакот на Универзитетот се различни. Имаат измени во фонтот, така што тие изгледаат различно уште на прв поглед“, вели деканката на Филозофскиот факултет во Загреб, Весна Влаховиќ Штетиќ.

Една од дипломите е издадена во 2000 година по германски и француски јазик. Другата е од 2016 од областа на информатичките науки, а третата е од минатата година и повторно за германски јазик, но и хрватски.

Две од нив се најдени во славонски училишта, а една во основно училиште на еден од островите.

„Јас, всушност, сум прилично вознемирена бидејќи овие луѓе, чии дипломи се фалсификувани, не завршиле ниту додипломски студии“ вели деканката.

Една личност воопшто не ни била студент на филозофскиот факултет.

Ако се земе предвид дека бруто платата е околу 8000 куни, државата до 2018 година, односно 216 месеци дала околу 1,8 милиони куни на личност со фалсификувана диплома.

Училиштата мора да имаат оригинална диплома или заверена копија, а секретарите водат сметка за целата документација на вработените, истакна Сузана Хитрец, претседател на Унијата на раководители на средните училишта во Хрватска.

Таа порачува да се проверат дипломите и на останатите професори. Идејата е „чешлањето“ да продолжи во високите школи и агенциите.

Во 2015 година, во „Загребски холдинг“ откриени се дури 306 вработени со фалсификувани дипломи и сите добиле отказ.

Тогаш беше откриено дека разликата помеѓу вкупната исплатена плата и реалната плата според вистинската стручна подготовка изнесувала 88,5 милиони куни.