Проф. Мартин Михајлов: Криптовалутите се иднината

Криптовалутите се иднината, дециден е професорот Мартин Михајлов, доктор по информатички науки, кој веќе 12 години работи на Економскиот факултет во Скопје. Оваа нова област му станала пасија во истиот момент кога дознал за неа, па веќе неколку години ги проучува криптовалутите како сосема нов сегмент во општеството. Во последно време, забележува, секој „знае се“ за криптовалути, а всушност ретко кој има вистински сознанија.

„Секој што сака да инвестира треба многу добро да се информира и да знае точно што прави. Можностите за брза и астрономска заработувачка се одамна поминати. Пазарот на криптовалути во моментов е толку нестабилен што е невозможно да се знае кога и што ќе оди нагоре, а што ќе паѓа. Сите што влегуваат во пазарот со шпекулантски стратегии мора да бидат свесни дека влегуваат во високо-ризично коцкање. Односно, дефинитивно не треба во криптопазарот да ја заложуваат својата иднина, туку тоа да го прават со истите финансии со кои би отишле во некое казино“, вели Михајлов.

Биткоинот беше првата криптовалута, создадена во екот на економската криза од лик што се крие под псевдоним. Откако пред неколку месеци вредноста неколкукратно порасна, луѓето започнаа да купуваат биткоини, или да ги ископуваат/произведуваат. Тоа се двата начина да се дојде до нив. Во првиот случај се вложуваат вистински пари, најчесто на т.н. криптоберзи и се купуваат криптовалути. Оваа можност е отежната за македонските граѓани поради законот кој забранува инвестирање во странски берзи. Но, јавна тајна е дека овој закон релативно лесно се заобиколува.

„Во било која земја во Европа, освен во Македонија и Албанија, може да се купи криптовалута онлајн со картичка. Бидејќи кај нас е со закон забрането било какво вложување на странска берза, како и поседување на сметка во странска банка, оваа опција е не (баш) достапна па затоа луѓето најчесто бараат некој од странство да им ги уплати парите. Постојат и автомати за криптовалути, најблискиот е во Приштина, каде што можете директно да купите криптовалута со ставање на кеш во автоматот“, раскажува Михајлов.

Другата можност за да се набави криптовалута е т.н копање биткоини, кое станува се попопуларно во светот. И Македонија не е исклучок. Во тој случај не се вложуваат пари, туку се дава на користење компјутерот и неговата процесорска моќ. Сепак, со еден просечен компјутер, вели Михајлов, потребен е еден век за да се стигне до криптовалута, според моменталната состојба на пазарот. Затоа оние што планираат заработка вложуваат многу средства во силни и бројни компјутерски процесори и т.н уреди за копање биткоини, со надеж дека инвестицијата ќе им се исплати.

„Мора на секои 10 минути да се обработат трансакциите и да се произведат нови биткоини, и сега луѓето помагаат да се одржува таа мрежа, така што донираат дел од своите процесорски ресурси. Системот е наместен математички. Кога учествуваат многу луѓе, за да не се прави процесирањето побрзо, тоа станува дупло потешко, за самото процесирање повторно да заврши за 10 минути. Колку повеќе луѓе учествуваат, толку тоа процесирање на трансакции се прави потешко. И затоа, бидејќи сега учествуваат милиони компјутери, со еден компјутер не можам да направам ништо, бидејќи мојот допринос е незначителен, бидејќи има луѓе што имаат цела фабрика на компјутери, и тие ќе ја добијат наградата, ќе заработат“, вели Михајлов.

Вредноста на криптовалутите, објаснува, зависи единствено од правилата кои важат за нив и довербата што ја имаат луѓето во нивната вредност.

„Луѓето мислат дека парите во банка имаат некакво директно покритие, на пример злато. Но вредноста на парите зависи пред се од финансиската политика на државата. Ако државата има стабилна економска политика, луѓето сметаат дека таа валута има вредност, а со тоа и парите стануваат вредни. Слично е и кај биткоинот и останатите криптовалути. Нивната вредност зависи од строго дефинираните правила кои фактички ги заменуваат правилата на централна банка. Ако тие правила се добри, и луѓето веруваат дека тие правила се добри, вредноста на криптовалутата ќе биде стабилна. Но дали луѓето во моментов го гледаат и размислуваат за тоа? Се уште не. Затоа и го имаме овој шпекулантски хаос“, вели Михајлов.

За биткоинот предвидува дека е неодржлива валута, бидејќи за неговото производство се троши многу електрична енергија. Но, затоа, новите криптовалути полека го решаваат и овој проблем.

„Се работи за технологија која буквално носи тектонски поместувања во начинотот на кој ги решава проблемите. Како што интернетот го има сменето пристапот кон информациите, така технологијата зад криптовалутите ќе го смени пристапот кон вредноста. Вредноста е дигитализирана на многу генијален начин, и поради тоа технологијата е тука за да остане. Како ќе се искористи, кој ќе опстане, не може да знаеме. Истата работа се случуваше и со вебот, во деведесетите години, но кој да памти. Кога се појави, никој не разбираше што е веб, а луѓе слушаа, вложуваа, и се расфрлаа со пари. Во 2001 година пукна балонот во ИТ светот, а пазарот изгуби околу 85 отсто од својата вредност. И дали сме денес без интернет? Не. Балонот помогна да се исчисти ‘ѓубрето’, останаа најсилните и излегоа нови, уште подобри компании“, вели Михајлов.

За него е нелогично и тоа што што појавата на криптовалутите се поврзува со анархистичките верувања дека сето ова ќе значи уништување на банките. Сигурен е дека банките не се плашат од криптовалутите, туку веќе размислуваат како да го искористат моментот. Аналогија прави со телефонските компании во времето на експанзија на интернетот.

„Интернетот требаше да ги уништи телеком операторите кои се занимаваа со телефонија и телефонски импулси. Воопшто не се занимаваа со интернет. Но наместо да исчезнат со појавата на технологија која требаше да ги замени, телеком операторите направија успешна транзција. На мобилен можеби зборувам преку вибер во странство, и штедам импулси, ама си плаќам интернет кон мојот провајдер. Како ќе настапат банките сепак е рано е да се каже“, анализира Михајлов.

Како професор на Економскиот факултет во Скопје објаснува дека допрва ќе се водат разговори за тоа како ќе се изучуваат криптовалутите. Во моментов, вели, за оваа тема имаат слушнато само студенти од одделот е-бизнис, првпат оваа академска  година.

Криптовалутите се голем дел од светската иднина. Ова е технологија која разорува. Како што интернетот воведе промена во многу сфери, и оваа технологија ќе најде начин да ни го промени животот “, вели Михајлов.

Вистинските промените, додава, по аналогијата на развојот на интернетот, би требало да се случат за петнаесетина години.

Ј.Ј.