Проектот за пречистителната станица Скопје второнаградена од ЕБОР за „климатска обнова и одржливост“

ЈП Водовод и канализација – Скопје е добитник на втората (сребрена) награда на „Sustainability Awards 2020“, за проектот „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје.

Изборот е во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која повеќе од 10 години ги  доделува наградите за одржливост и ги признава достигнувањата во пет специфични категории.

Според директорот на „Водовод“, Душко Весковски, проектот ја освои втората награда во категоријата климатска обнова и одржливост.

Како што информираат од „Водовод“, пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе биде со капацитет од еквивалент на 500.000 жители и е еколошки капитален проект, чија вредност е процената на околу 136 милиони евра, кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а воедно и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на град Скопје.

„Со изградбата на пречистителната станица нашата држава ќе има над 90% прочистени води што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ. Проектот како таков е препознаен тука, но и во Европа, а доказ за тоа е неговото вклучување во Акциониот план за Зелен Град од страна на Град Скопје и поддршката добиена од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Град Скопје, ЕБОР, ЕИБ и ЕУ Делегацијата“, велат од „Водовод“.