Проекција на „Пред поплавата“ во СЦ „Дуња“

Во Социјалниот центар „Дуња“ на 15 август (четврток) од 20 часот ќе биде проектиран документарецот „Пред поплавата“ (Before the flood).

„Климатската криза веќе сериозно се заканува. Минатиот месец беше најжешкиот месец во историјата на човештвото. Ако нешто итно не се преземе, последиците ќе бидат катастрофални. И несразмерно повеќе ќе ги погодат сиромашните граѓани и земјите од периферијата на капитализмот“, стои во најавата за настанот во „Дуња“.

Документарецот „Пред поплавата“ е од 2016 година. Во него Леонардо Ди Каприо посетува различни региони од светот, истражувајќи го влијанието на глобалното затоплување предизвикано од луѓето.

„‘Пред поплавата’ претставува солиден воведен документарец за сите оние што сакаат да се запознаат со катастрофалните последици од климатските промени и за ургентноста од преземањето акција“, велат од „Дуња“.

Од таму потенцираат дека преводот на филмот ќе биде на српско-хрватски. Доколку дозволат временските услови, проекцијата ќе биде на отворено – во дворот на СЦ „Дуња“.