Проекција на „Граѓанин Европа“ и дискусија на Филолошки факултет

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ утре (21 мај), во амфитеатар 3, од 14 часот ќе се одржи проекција на документарниот филм „Граѓанин Европа“, по што ќе има дискусија под модератерство на Тања Кригер, директорка на Гете-институт.

„Упатуваме покана до сите патувачи и сонувачи, љубопитни за нови искуства, нова култура, нов живот, а и оние кои не се, можеби ќе се предомислат. Покана до сите поранешни и идни учесници на Еразмус од сите возрасти“, велат од МакеДокс и Филолошки факултет „Блаже Конески“, кои го организираат настанот со поддршка на „Мувинг Докс“ и Гете-институтот.

Документарниот филм „Граѓанин Европа“ раскажува пет приказни на учесници во Еразмус програмата кои работат, учат и волонтираат низ Европа.

„Младите протагонисти за прв пат ги напуштаат своите домови за да си докажат дека можат да преживеат во непозната средина. Млади од Франција, Германија, Полска, Бугарија и Етиопија патуваат за Литванија, Финска, Грција и Ирска и мораат да се адаптираат на различни култури и менталитет“, соопштуваат организаторите.

Филмот прави споредба на искуството на денешните млади учесници во Еразмус програмата со првите учесници од 1987. Преку стари фотографии и аматерски видеа тие се сеќаваат на Европа каква била и како тоа искуство влијаело на нив.

„Наспроти моменталната европска криза дополнително разгорена од невидената стапка на невработеност кај младите, стравот од бегалската криза и Брегзит, нивните патувања нудат птичја перспектива на еден континент во транзиција и разбирањето за многуте лица на Европа“, се вели во најавата за утрешната проекција.