Проекција на филмот „Ќе дојдат децата“ и дискусија со режисерката во МКЦ

Гледај.мк и Младински културен центар организираат проекција на филмот „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска, во продукција на Круг филм.

По проекцијата, следува отворена дискусија со режисерката.

Филмот зборува за Велика, млада учителка, која е испратена да подучува деца во едно далечно планинско село. Како што минуваат деновите, од децата нема ни трага ни глас. Единствениот човек што го среќава во селото е една старица, чистачката во училиштето. Кога старицата ќе почине, младата учителка мора да најде начин да преживее.

Филмот досега е награден во Шпанија и Албанија. Исто така, филмот беше номиниран за најдобар краток филм на престижниот фестивал во Шангај, а беше прикажан и во официјална селекција на филмски фестивали во Јужна Африка, Мароко, Италија, Црна Гора и Косово.