Проекција на „Чија е таа песна?“ и дискусија во ЛГБТ центарот

ЛГБТИ Центарот за поддршка се приклучува на одбележувањето на Европскиот ден на жртвите на дела од омраза (23 јули), со активностите посветени на различието и различните идентитети.

По тој повод тие организираат проекција на документарниот филм на Адела Пеева со наслов „Чија е таа песна?“, кој се однесува на сличните обичаи и традиции на Балканот, испреплетени низ културни споделувања како што е случајот со фолклорот на овој простор.

Песната со ист мелос, за чие потекло не се знае дефинитивно, се пее и во Македонија, и во Бугарија, и во Србија, и во Грција, и во Турција…

Што значат овие културни испреплетувања? Отпорни ли се истите на национализмот?

Дали трибалните затворања на општествата ќе продолжат да прават идентитетски ровови или некои вредности, со универзална рамка, ќе не‘ навратат на заедничкото живеење и споделувањето на минимумот за добар живот – еднаква правда за сите?

На овие и на многу други прашања ќе се зборуваме во ЛГБТИ Центарот за поддршка, веднаш по проекцијата, која се одржува вечерва во 19: 30 часот.