Проекција и музички перфоманс преку „From Morn to Midnight“ во Кинотека 

Дрзок, ониричен, бизарен, поетичен – вака некако би можел да се опише филмот на Карлхајнц Мартин, „From Morn to Midnight“, кој утре (21 февруари) од 20:30 часот ќе биде прикажан во Кинотека.

За време на филмската проекција, ќе биде изведена музика од Ogie, T-Scale и Kronom.

Според најавата, станува збор за вистински бисер на германскиот експресионизам, ремек дело снимено во далечната 1920 година.

„Филмот е речиси непознат за пошироката публика. Во времето кога се појавил, бил толку смел, авангарден и експериментален што никој во светот не пројавил интерес за негово прикажување освен Јапонија. Ништо слично не е создадено во дотогашната филмска историја. Објективната стварност е поместена и симболички прикажана за да се опише внатрешната состојба на ликовите. Тоа е постигнато со сјајната, исчашена сценографија, создадена под влијание на големите авангардни сликарски движења од почетокот на 20 век (експресионизам, фовизам, кубизам, надреализам), острите контрасти со светлината, прекрасните костими и одличната актерска игра. Емоционалниот грч кај актерите е засилен со фантастичната шминка која што играла голема улога во времето на немиот филм. За халуцинантните визии на главниот лик и за ониричните секвенци, мајсторски се погрижил снимателот, експериментирајќи со кинематографките техники на крајно ефектен начин“, стои во најавата за настанот.

Филмот, се уште е релевантен, не само од формално естетски аспект туку и заради актуелноста на темата којашто совршено го отсликува духот на новото време: малверзација, себичност, жед за моќ, лажно претставување, вулгарен материјализам, бескрупулозност – карактеристики својствени за неолибералниот капитализам и императиви кон кои стреми главниот лик во филмот.

„Како многу од пионерските нискобуџетни филмови од таа ера, иако нем, From Morn to Midnight никогаш нема добиено своја музика или било каква форма на звук или саундтрак. Оваа ситуација ја даде можноста тројца музички продуценти да изработат модерен саундтрак низ текот на 6 месечно патување низ морничавите визуелни теми и отровната сатира на модерното општество која ја презентира филмот, за на крај да ги реинтерпретираат овие теми на начин користејќи напредни и современи техники на аудио дизајн кој останува кохерентен со филмското дејство и верен на визијата која ја презентира Карлхајнц Мартин во ова ремек-дело. Тоа што излегува на крај е звук кој не води низ психоделично и мрачно, но сепак забавно и игриво патување.

Влезот за настанот е бесплатен.