Продолжен мораториумот на 31 ДУП во општина Центар

Советот на општина Центар на последната седница донесе одлука за повторно запирање на спроведувањето на 31 Детален урбанистички план (ДУП) за подрачјето на општината.

Со оваа одлука, велат од општината, се запираат постапките за издавање на одобренија за градење кои се во границите на урбанистичко-планските документации опфатени во деталните урбанистички планови.

„Овие ДУП-ови се донесени во обемни консултации со стручната фела, граѓаните и жителите на општина Центар, како и со правните лица кои вршат дејност во општината. Голем дел од запрените ДУП-ови се донесени од претходните општински раководства, во доцните вечерни часови, без никаква консултација со засегнатите страни“, соопштува Центар.

Градоначалникот Саша Богдановиќ пред советниците ја образложи одлуката за повторен мораториумот на ДУП – овите. Тековната ревизија на урбанистичките планови во Центар, рече тој, би донела услови за похумано живеење на жителите од оваа општина, надминување на урбаните бариери на лицата со попреченост, како и заштита и унапредување на животната средина.

Радио МОФ веќе разговараше со архитектките Искра Михајловска и Мила Димитровска  од иницијативата Здравје пред профит во Центар, кои нагласија дека кога ќе се спомене мораториум на ДУП-ови, можеби за некој звучи страшно. Загрозувачки за развојот на општината. Напротив, рекоа тие, ова е шанса да се направи евалуација и да се преиспитаат погрешните чекори.

„Сите проблеми кои се јавуваат во Центар се грешки во планирањето. Инфраструктура, паркирање, зеленило, загадување… Граѓаните се повеќе стануваат свесни дека ДУП-овите не се само подлога за издавање градежни дозволи, туку и визија како ќе живеат во населбата“, рекоа тие.

[Интервју] ДУП-овите не се само подлога за градежни дозволи, туку визија за населбата