Проценето е дека за обнова на Газа се потребни најмалку 50 милијарди долари

Најмалку 50 милијарди долари ќе бидат потребни за обнова на разурнатиот Појас Газа, според проценката објавена од Обединетите нации, Европската Унија и Светската банка, пренесува Н1.

Во документ од деведесеттина страници, трите институции заклучуваат дека се потребни 53.2 милијарди долари во следните десет години за обновување на разурнатата палестинска енклава.

Во првите три години од војната, која резултираше со „масовна загуба на животи, широко раселување и големо уништување на социјалната, физичката и производствената инфраструктура, како и длабока хуманитарна криза“, ќе бидат потребни 20 милијарди долари.

Претстојат години на обнова која најпрво бара расчистување на неексплодираните убојни средства и отстранување на милиони тони урнатини, се вели во извештајот.

Во извештајот се предупредува дека моментално не се постигнати услови за обнова поради неизвесноста како енклавата ќе се управува по војната.

„Брзината, степенот и обемот на закрепнувањето ќе се одредуваат под овие услови“, предупредуваат институциите.

Тие наведуваат дека повеќе од 292.000 домови биле уништени во израелската офанзива и дека 95 отсто од болниците повеќе не се функционални. Повеќе од половина од вкупните трошоци за обнова или 29.9 милијарди долари ќе бидат потребни за обнова на зградите.

„Секој Палестинец во Газа е погоден. Повеќе од 1.9 милиони луѓе ги напуштија своите домови, односно им се заканува сериозен недостиг на сите неопходни работи за живот“, се предупредува во извештајот.

Во него се наведуваат и тешките последици што војната во Појасот Газа ги донесе за окупираниот Западен Брег, каде што „насилството и нестабилноста, мерките кои го ограничуваат пристапот на палестинските работници до израелскиот пазар на труд и падот на даночните приходи и приходите од плати“ се закануваат на локалната економија, која минатата година падна за 16 отсто.