Притвор за уште тројца учесници во протестот на 5 мај

Скопскиот Основен суд вчера им одредил мерка притвор во траење од осум дена на уште тројца учесници во протестите на 5 мај, соопшти судот.

„Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка беа доведени три лица со предлог од Основното Јавно обвинителство за определување на мерка притвор заради основано сомнение за кривичното дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 ст.1 од КЗ, како и предлог за определување мeрка притвор во отсуство на уште едно лице за истото кривично дело, а поврзано со протестите кои на 5 мај се одржаа пред зградата на Влада на Република Македонија.

Судијата на претходна постапка, по разгледување на фактите и доказите кои беа предложени од Обвинителството, заедно со предлогот за определување на мерката притвор оценил дека се исполнети условите кои произлегуваат од одредбите на Законот за кривична постапка и на три лица им одреди мерка притвор во траење од осум дена, на едно лице му одреди мерка притвор во отсуство во траење од осум дена, по негово пронаоѓање и лишување од слобода од страна на МВР, за што е издадена и потерница“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Вчера Хелсиншкиот комитет соопшти дека вкупно 42 лица се приведени поради учеството на протестот на 5 мај пред Владата, на кој полицијата се судри со дел од демонстрантите. Со последните тројца, вкупно 15 демонстранти сега се во притвор, еден е во куќен притвор, а едно лице е во бегство.

Граѓаните обединети во движењето „Протестирам“, кои секојдневно протестираат низ улиците на Скопје и пред Основниот суд Скопје 1, бараат ослободување на сите лица приведени и притворени поради учество во протестите.