Прирачник за правните алатки за заштита на животната средина инспириран од борбата за „Маврово“

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ и Еуронатур, објавија нов прирачник за практична употреба на правото за зачувување на животната средина со наслов: „Користете ги правните алатки и механизми за заштита на животната средина – Инспирирајте се од приказната за националниот парк Маврово и зачувајте ги последните диви и слободни реки во Европа“.

„Прирачникот дава објаснување на правните алатки и механизми кои ги користевме во нашата речиси 10-годишна борба за зачувување на Националниот парк „Маврово“ и појаснување како да ги употребите истите во процесите на донесување на одлуки во врска со хидроенегргетските проекти во заштитени подрачја, според: Архуската Конвенција, Бернската Конвенција и усвоените еколошки и социјални политики на меѓународните финансиски институции коишто обезбедуваат финансиска помош за хидроенергетските
проекти. Се надеваме дека ќе бидете инспирирани да преземете акција и да ја започнете вашата правна битка.“ – појаснува Бујароска , Извршен Директор на Фронт 21/42 и еден од авторите на прирачникот.

Прирачникот содржи и студии на случаи како и селекција на инспиративни акции и настани, кои може да се користат за надополнување на правни постапки а имаат за цел да ја информираат јавноста или да извршат притисок врз носителите на одлуки.

Прирачникот е наменет за националните и меѓународните граѓански организации и активисти кои сакаат да го зачувуваат „Синото срце“ – последните слободни реки во Европа, но и за сите оние кои сакаат да научат како да си ги користат законските права за да влијаат врз одлуките кои ја афектираат природата и животната средина.

Прирачникот на македонски јазик може да го најдете ОВДЕ, а на англиски ОВДЕ.