Приказната за рециклирање стакло почнува со селекција на шишиња и тегли во домот

Над 40.000 тони отпадно стакло завршува во депониите низ Македонија секоја година. Стаклото е единствен амбалажен материјал што може неограничено да се рециклира и притоа да го задржи истиот квалитет. Рециклирањето на 1 тон отпадно стакло спречува да бидат ослободени 4 килограми издувни гасови во атмосферата, велат од „Акрон“ која се карактеризира како „единствена компанија во Македонија што се занимава со третман на отпадно стакло“.

Од „Акрон“ за Радио МОФ потенцираат дека реално, луѓето во Македонија се уште не се целосно запознаени со рециклирање на стаклото. Се уште не знаат за процесот и придобивките, но сепак, велат тие, се шири интересот и граѓаните ја поддржуваат иницијативата.

„Сметаме дека ќе има добар одзив, и кај физички, и кај правни лица. Приказната за рециклирање на стакло почнува од селектирање на стаклени шишиња и тегли во вашите домови. Стаклото е неверојатно корисен материјал, бидејќи тоа може да се рециклира бескрајно. Сортирањето и одвојувањето на материјалот се одвива во контејнери. Ние го превземаме и го селектираме по боја. Необоено, зелено и кафеаво стакло. Потоа се врши третман на стаклото и се ситни на помали честички, гранули и се пакува. Во моментов правиме механички третман на стаклото. Не го топиме, туку се дроби и пакува, и го извезуваме надвор од Република Македонија“, објаснуваат од компанијата која функционира од јуни.

Примерите од повеќе земји покажуваат дека обработеното стакло, познато како „крш“, многу зависи од боја во која се наоѓа. Затоа се прави предходна селекција по боја. Откако „кршот“ ќе пристигне во фабриката за стакло, се меша со суровински материјал за да може да започне обработката во стакло. Тој материјал е песок, инаку позната како силикат, натриум карбонат и калциум карбонат.

„Акрон“ работи според Правилник за превземање и наплаќање на отпадно стакло. Односно, видовите стакла се поделени во пет категории. Првите три се „амбалажно“, а четвртата и петата катагорија се „рамно стакло“. Пример, од примарната категорија необоеното стакло е 3.6 денари за килограм, кафеавото 3 денари, а зеленото стакло 1.2 килограм.

„Амбалажно стакло (шишиња, тегли) сепарирано по боја, без какви било нестаклени додатоци, хартиени, пластични, метални (без етикети и капачиња), без видливи остатоци од храна и други контаминати, во скршена или нескршена форма“, стои во објаснувањето за првата категорија стакло.

Засега единственено место за превземање и наплаќање е во рамките на фабричкиот круг на АД Стакларница, на улицата „Борис Трајковски“ (бивша „Првомајска“). Сепак, велат од „Акрон“, во план им е во иднина да отворат наплатни пунктови и низ поголемите градови низ Македонија.

„Ги следиме светските стандарди за искористување на отпад и преку нивно имплементирање во процесите на работа правиме чекор напред во управувањето со отпад на територијата на Р. Македонија – пример што треба да го следат сите компании што се занимаваат со некаков вид на производство“, велат тие.

Во однос на придобивките, меѓу другото, потенцираат дека сепарирањето и рециклирањето на стаклото може значително да ја намали потрошувачката на енергија за производство на стакло.

„Еден тон рециклирано стакло заштедува 42 киловат/час електрична енергија, 19 литра нафта, 2 метри кубни депониски простор, 603 килограми песок, 196 килограми сода, исто толку варовник и 70 килограми фелдспат“, соопштува „Акрон“.

 

Бојан Шашевски