„Пријатели“ се враќаат на малите екрани со специјално издание

Очекуваното специјално издание на „Пријатели“ конечно има датум и трејлер по долгото доцнење предизвикано од пандемијата на коронавирусот, пренесува BBC.

Тоа ќе биде достапно на HBO Max од 27 мај, откако оригиналната екипа на ситком серијата дури минатиот месец можеше да снима заедно.

„Пријатели“ беше една од најголемите ситкоми во 90-тите и заврши во 2004 година.

Шоуто најде нова генерација обожаватели благодарение на повторното прикажување и услугите за стриминг како Нетфликс.

Сите шест члена на оригиналната екипа – Метју Пери (Чендлер), Џенифер Анистон (Рејчел), Кортни Кокс (Моника), Лиза Кудроу (Фиби), Мет Лебланк (Џои) и Дејвид Швимер (Рос), ќе учествуваат.

Тие ќе се појават заедно со другите придружни sвезди вклучувајќи ги Меги Вилер (Џанис), Џејмс Мајкл Тајлер (Гантер), Рис Витерспун (Џил) и Том Селек (Ричард), како и Елиот Гулд и Кристина Пиклс, кои ги играа родителите на Рос и Моника, Џек и Џуди.

Се очекува да се појават и славни гости, меѓу кои Дејвид Бекам, Лејди Гага, БТС, Кара Делавињ, Минди Калинг, Џејмс Корден, Малала Јусафзаи и Џастин Бибер.

Гласините за повторна средба почнаа од ноември 2019 година. Првично требаше да се објави во мај 2020 година, но пандемијата на Ковид-19 го одложуваше снимањето во текот на целата година.

Снимањето за специјалното издание се случи минатиот месец на оригиналната сцена на шоуто во студиото на Ворнер Брос во Бурбанк, Калифорнија, пред публика во живо.