Презентирано истражување за медиумска писменост кај возрасната популација

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги презентираше резултати од Истражувањето на медиумската писменост кај возрасната популација во Република Македонија.

Според Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата, станува збор за истражување од исклучителна важност зашто е прво од ваков вид во Македонија и ќе претставува основа за градењето политики и планирањето проекти за унапредување на медиумската писменост во Македонија, како и репер за мерење на нивната успешност.

За прашањата поврзани со критичкото разбирање на медиумските содржини и со подготвеноста на граѓаните да земат активно учество во демократските процеси во општеството, свое излагање имаше Надежда Поп-Костова од Таргет комуникации, кои за потребите на Агенцијата го спроведоа ова истражување.

Доколку се забележат суштински разлики во информирањето на медиумите за исти настани, 45.90% од испитаниците се изјасниле дека ги отфрлаат или игнорираат сите објавени информации за тој настан. Дека телевизиите мора да бидат слободоумни за да бидат објективни и креативни сметаат 49.64%, додека 48.92% од испитаниците целосно се согласуваат дека телевизизиските гледачи мора да бидат заштитени од гледање на несоодветни или навредливи програми“, истакна Поп-Костова при презентирањето.

Деталните резултати од истражувањето во кои одговорите на поставените прашања се прикажани разделено според демографските карактеристики на примерокот, а со цел да се овозможи на институциите, истражувачите и сите заинтересирани чинители да ги користат во зависност од потребите на анализите и документите што ги изработуваат, се објавени на веб страната на Агенцијата на следниот линк. 

На настанот се отвори и дебата за формирање на мрежа за медиумска писменост, која би била составена од релевантни чинители (јавни институции и министерства, приватни и јавни радиодифузери, граѓански организации и образовни институции). Целта е да се олесни комуникацијата помеѓу различните чинители во општеството кои имаат улога во развојот на медиумската писменост и да се овозможи поблиска соработка меѓу нив.

Агенцијата смета дека преку споделување информации во мрежата, секој може да придонесе во реализацијата на проектите, како и дека би било корисно информациите и новостите да се објавуваат преку онлајн билтен или да се информира за нив европската јавност преку Европската асоцијација за интересите на гледачите, со која Агенцијата има склучено договор за соработка.

Агенцијата најави дека подготвува и материјал за медиумска писменост (ДВД и кратка брошура) кој ќе биде наменет за користење на наставниците во основните училишта, при планирањето на содржините за медиумска писменост.