Претставници на СОНК разговараа со министерката Царовска за новата концепција за основно

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес се сретна со претседателот на СОНК Јаким Неделков и други претставници од синдикатот. На состанокот се разговарало за претстојниот реформски процес во основното образование и за предложената нацрт-концепција.

Како што соопштија од МОН, претставниците на СОНК и министерката се согласиле дека реформите во образованието се нужни и навистина треба да се направат, но и потенцирале дека синдикатот е важен парнер во носењето на новата концепција и спроведувањето на реформите.

Министерката Царовска пак на состанокот истакнала дека овој процес требало да се случи уште пред една деценија и дека секој ден доцнење е на директна штета на учениците и на идните генерации.

 

Mинистерството за образование и наука најави дека ги продолжува дебатитите и консултациите за Нацрт-концепцијата. Во дебатата за концепцијата потенцираат дека од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, Делегација на ЕУ.

Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма.